„Многу врева за ништо “ е театарската претстава што во изведба на Театар Комедија ќе биде прикажана вечерва на фестивалот „Охридско лето“.
Претставата се игра според текст од Вилијам Шекспир, а е во режија на истакнатиот македонски режисер Дејан Пројковски, кој вели дека „Многу врева за ништо“ е претстава која би требало да се дефинира како претстава за една актерска трупа слична на шекспировата.
„Шекспировиот театар е всушност Театарот Комедија, тоа е главниот концепт на нашата претстава. Претставата ги отвара прашањата за театарот и животот, за животот и сонот, за играта, за реалноста.Почнуваат да се отвараат прашања коишто ги носи еден човек со себе. Тука исто така станува збор за сопствениот свет, за она што внатре секој од нас го носи, за својот универзум и за универзумот којшто го споделува со другите. Благодарение на оваа прекрасна екипа успеавме да создадеме една многу храбра и радикална шекспировска претстава, која се поигрува со жанровите. Претставата започнува со една гротеска, со една многу интересна комедија како форма која што се создава на сцена за потоа да влеземе во трагедијата и преку гротеската на самата таа форма која што ја создаваме да се вратиме во комедијата“, истакна Пројковски на денешната прес-конференција.
Според него, база и темел на претставата е актерската игра.
„Актерската игра бара голем напор, физичка и психичка подготвеност, бидејќи сето ова што ви го раскажав како концепт бара една голема спосбност на актерите за брза трансформација и брзо менување на жанрови“, додаде режисерот Пројковски.
Директорката на театар Комедија Јелена Жугиќ појасни дека премиерата на претставата беше одиграна во склоп на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола Месечина“ којшто беше во организација на Театар Комедија.
„Комедијата во Театар Комедија исклучиво произлегува од ансамблот на Тетаар Комедија. Како и во сите претстави досега, така и во оваа, навистина сум горда како менаџер на овој театар, поради младите луѓе. Во оваа претстава нивните лични способности дојдоа во прв план. Тие свират на музички инструменти, пејат, танцуваат. Сиот нивни талент оди во една нагорна линија. Навистина не е едноставно да се направи програма за секоја наредна година и при тоа исклучиво да се тргне од актерскиот потенцијал бидејќи основата на театарот е актерот. Без се’ се може, и без импозантна сценографија, и без костими, и без добро озвучување, меѓутоа без актерот и без приказната меѓу актерите, без дијалогот, не се може.Тоа зависи од потенцијалот и талентот на ансамблот“, рече Жугиќ.
Младите актери подготвувајќи ја оваа претстава речиси два месеца работеа со руската кореографка Елена Прокопиева. Како што кажаа, процесот на подготовка на претставата бил напорен во смисла на долгите проби, но истовремено и прекрасен.
„Процесот на создавање на претставата беше доста напорен и прекрасен. Од нас се бараше нешто што не го правиме секој ден. Тоа не е толку лесно. Тогаш доаѓа кореограф од Русија којшто бара многу дисциплина и цело време посветенот на проби. Сметам дека сите се снајдовме во она што се бараше од нас,“ изјави актерката Нина Деан.
„Режисерот на почетокот ми рече да го играм ликот на Бенедикт, но јас сакав да го играм ликот на началникот Дрен, но ќе ми беше многу мака ако не го изиграв овој Бенедикт затоа шточест е за еден актер да го игра овој лик.Му посакувам на секој актер да му се случи Бенедикт во животот“, нагласи актерот Атанас Атанасовски.
Помеѓу повозрасните ликови во претставата игра Крсте Јовановски според кого „Многу врева за ништо“ се игра на неколку плана.
„Има план што се случува на сцената, план што се случува во гардеробата. Ако публиката мисли дека претставата е само она што го гледа , а тоа отпозади што го гледа дека не е ништо, всушност таму има уште поголема драма и поголеми преживувања на нештото пред да се излезе на сцена. Имаме одлична кореографија која зборува сама за себе иако нема текст и го надополнува она кое е потребно од една друга перспектива на актерите. Во оваа претстава, покрај што владеат со зборот, актерите се служат и со песна и со свирење и тоа покажува еден квалитет повеќе што го носи нашиот театар во кој манифестираме комплетни актери“, рече Јовановски.
„Многу врева за ништо“ ќе се игра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.