Министерството за култура до крајот на годината ќе биде покровител на неколку настани што се организираат во соработка со Италијанската амбасада во Македонија. Со тоа ќе се одбележи претседателството на Италија со Европската унија.
На денешната прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, италијанскиот амбасадор Ернесто Масимино Белели и директорот на Агенцијата за филм Дарко Баески ја претставија посебно конципираната програма.
Дел од програмата е изложбата „Фарнезина 50-ти години“, колекција во сопственост на италијанското Министерство за надворешни работи, преку која македонската јавност ќе се запознае со делата на најпознатите сликари од италијанскиот модернизам.
„Значаен настан ќе биде и „Изложбата на мозаиците од Равена“ кои се заштитени од УНЕСКО и ќе бидат презентирани во нашиот нов Археолошки музеј на почетокот на ноември. Се очекува оваа изложба да ја отвориме заедно со министерот за култура на Италија Франческини и да потпишеме два документа, новата Програма за соработка во областа на културата меѓу владите на нашите држави, како и протоколот за билатерални копродукции во областа на филмот“, истакна Канческа-Милевска.
Ќе се реализираат и 14. издание на „Неделата на италијанскиот јазик и култура во светот“ во чии рамки се предвидени повеќе настани со угледни гости од Италија, Меѓународната конвенција по повод 55 години италијански студии на која ќе учествуваат еминентни професори од универзитетите од Сорбона, Базел, Анкара, Валона, Трст, Атина, Загреб, Белград, Тирана, изложбата на партитури на Верди во рамките на фестивалот „Охридско лето“, како и семинарот за Јустинијан, кој веќе традиционално се организира со поддршка на Министерството за култура.
„Македонија и Италија негуваат исклучително добра соработка во областа на културата која во изминатите неколку години забележа одлични резултати. Италија е наш голем партнер и поддржувач во реализацијата на бројни културни иницијативи кои ги продлабочија културните врски меѓу нашите две земји и станаа инспиративен пример за успешна меѓународна соработка и отворена можност за континуирана размена на идеи и знаења“, потенцира министерката за култура.
Таа се осврна на манифестацијата на која Република Македонија активно се претставува веќе 12 години, фестивалот за деца и млади „Џифони“ во Италија.
„Годинава во состав на меѓународното жири на 44. издание на овој фестивал учествуваат 12 млади луѓе од Македонија, кои заедно со децата од 41 земја од светот ќе бидат дел од работилниците и дискусиите на разновидни теми по проекциите на фестивалот, чија тема годинава е „Биди поинаков“. Од особено значење е што во рамки на ова издание на фестивалот ќе биде организиран Ден посветен на Македонија на кој ќе се презентира ревија на македонски филмови, музика на Мухамед Ибраими, изложба на фотографии со убавините на Македонија и традиционални македонски производи“, рече Канческа-Милевска.
Во октомври, на второто издание на регионалниот фестивал „Џифони“, чиј домаќин ќе биде Македонија, ќе учествуваат повеќе од 400 деца од целиот регион.
„Имаме заедничка судбина. Не само да се промовира културата, туку и да се промовираат политиките на државите преку културната размена. Културата овозможува да се има развој на туризмот, да се зголемуваат можностите за работа, за натамошна размена меѓу луѓето“, посочи амбасадорот Белели.
Башески потенцира дека во областа на филмската дејност со Италија имаат најголема соработка и додаде оти имаат потпишано билатерална спогодба за копродукции меѓу двете држави. Досега не се случила таква копродукција.
„Желбата и на двете министерства и на двете држави е да имаме повеќе копродукции“, рече Башески и додаде оти се очекува во октомври да се потпише протокол за копродукции.