„Аферата Елсинор“ го носи Хамлет на „Охридско лето“ но од поинаква перспектива

„Аферата Елсинор“ е третата претстава од македонската театарска продукција што ќе биде прикажана вечерва на фестивалот „Охридско лето“.

Станува збор за претстава која доаѓа од Македонскиот национален театар, во режија и според текст на Љубиша Георгиевски, кој со неа одбележува 77 години од раѓањето и 55 години од неговото творештво.

Како што појаснува селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Ѓорѓи Јолевски, темата е „Хамлет“, а дејството се случува во дворот на Елсинор, каде сите ликови од Хамлет се ставени во еден многу специфичен концепт.

„Претставата има многу духовитост, многу цинизам. Таа е интелектуална претстава, подготвена да биде презентирана на охридската софистицирана публика од една страна, но од друга страна, и за гледачи кои првпат ќе се сретнат со театарот. Неверојатна приказна во прекрасни околности“, вели Јолевски.

Тој најавува дека во Охрид ќе настапат плејада извонредни актери од македонската театарска сцена.

„Станува збор за една лепеза на фантастична актерска екипа во која се Искра Ветерова, охриѓанката Ирена Ристиќ, Владо Јованоски, Јордан Симонов, млади актери како што се Никола Ацески, Александар Ѓеоргиевски, Славиша Каевски и многу други“, додава Јолевски.

Актерот Дејан Лилиќ кој е директор на Македонски народен театар годинава не игра во претстава на „Охридско лето“,но е во Охрид заедно со актерскиот тим на оваа установа, а беше дел и од синоќешната генералната проба во Центарот за култура.

„Оваа претстава ние веќе ја имаме на нашиот репертоар и мислам дека одлично одговара да се игра во Центарот за култура во Охрид. Интересен приод на шекспировиот Хамлет кого го играв пред четири години на „Охридско лето“, но сега ќе видите една друга перспектива на Хамлет, гледано од страна на режисерот Љубиша Георгиевски“, вели Лилиќ.

Ликот на Хамлет го толкува актерот Јордан Симонов за кого ова е шеста по ред соработка со режисерот Љубиша Георгиески и како што истакнува, било лесно да се работи со него.

„Публиката треба да каже колку јас се разликувам од другите Хамлети порано. Можеби беше различен пристапот во работењето на оваа улога. Многу беше лесно да се работи со режисерот Љубиша Георгиевски затоа што целата работа беше сведена во некаков си сублимат од се’ она што го видел, што го прочитал во врска со Хамлет, така што мене ми беше многу лесно. Само требаше да ги одберам моментите по кои заедно со режисерот ќе го водиме ликот“, вели Симонов.

За актерот Владо Јовановски којшто го игра ликот на Клаудиј, чест, а истовремено и одговорност е да се игра на фестивалот „Охридско лето“.

 „Чувствувам голема чест и одговорност што вечерва ќе настапиме пред публиката на овој значаен фестивал. Ова е една сериозна претстава, една ансамбл-претстава каде што учествуваат поголемиот дел актери од Македонскиот народен театар, драги наши колеги од сите генерации. Претставата бара подготовка и можеби читање на делата на Шекспир, но и да се познава творештвото на Љубиша Георгиевски,“ смета Јовановски.

„Аферата Елсинор“ ќе се одигра вечерва, во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.