Извонреден настап на фестивалот „Охридско лето“ синоќа имаше рускиот пијанист Аркадиј Володос. Во катедралната црква „Света Софија“ која има одлична акустика, публиката ужуваше во нотите на Брамс, Шуберт и Шуман и прекрасната изведба на еден од најпознатите и најистакнати „раскажувачи“ на романтични музички приказни.
Според селекторката на музичкиот дел на фестивалот „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска, Аркадиј Володос ја придобива публиката од целиот свет, а за неговото присуство во Охрид е голема чест за самиот фестивал.
„Особено ми е драго што после неколку години договарање, конечно го имаме Маестро Володос за првпат на фестивалот и во Македонија. Володос е предводник на пијанистичката елита на денешницава, а неговото доаѓање значи вистинска гордост и почестеност за фестивалот. Овој „гениј“ со своето исклучително и неверојатно изведувачко мајсторство постојано ја придобива публиката низ целиот свет“, вели Јосифова-Неделковска.
Володос, кого уште го нарекуваат „гениј на клавијатура“ , со своето музицирање побуди длабоки емоции кај посетителите на концертот кои лично се уверија дека тој заслужено го носи таквиот ептитет.