ЈП „Охридски Комуналец“ е на добар пат за финансиска консолидација и одржливи позитивни резултати

Согласно деталната анализа за тековната состојба за првото полугодие за 2014 година, споредено со истиот период од минатата година, ЈП „Охридски Комуналец“, бележи позитивно работење, кое согласно одлуките кои ги носи менаџментот, води кон одржливи резултати на подолг период.

Во овој период, после повеќе години, изнајдено е решение за кредитното задолжување на препријатието, со редовна отплата на ануитетите по амортизационен план. Редовно се подмируваат обврските кон добавувачите, како по основ на тековни обврски, така и по основ на извршни судски решенија кои произлегуваат од претходниот период за неисплатени долгови по различни основи.

За сметка на непродуктивните трошоци (телефонски сметки, репрезентација, адвокатски трошоци) кои значително се намалени, се вршат постојани инвестиции во средства и опрема. Набавени се нови средства и алати во одделението за паркови и зеленило, а во одделението за услужна хигиена набавени се нови 200 пластични контејнери за одлагање на смет. Овие контејнери најнапред ќе бидат поставени во централното градско подрачје и на оние места каде старите се целосно или делумно оштетени. Во следнаа фаза, по завршувањето на туристичката сезона, ќе бидат заменети сите контејнери на територијата од Општина Охрид.  Во одделението за  јавна хигиена, покрај вложувањата од сопствени извори,  преку грантови и донации се обезбедуваат дополнителни средства за промена на постоечките корпи за одлагање на ситен отпад. Заради поефикасно искористување на возниот парк и човечките ресурси,  извршено е прегрупирање на возилата за подигање отпад по реони .

Новиот начин на управување со јавното претпријатие и воведените реформи, значат поефикасно и поекономично работење и зголемување на квалитетот на услугата за сите корисници.