Амбасадорот во Мисијата на Република Македонија при Европската Унија, д-р Андреј Лепавцов, во името на Република Македонија и г. Јан Трушчински, генерален директор во Генералниот директорат за образование и култура на Европската комисија, во името на Европската Унија, денеска во Брисел го потпишаа Договорот за учество на Република Македонија во програмата на Европската Унија „Креативна Европа”, наменета за културните и креативните сектори. Со потпишувањето на Договорот, Република Македонија стана официјален учесник во потпрограмата „Култура на Креативна Европа“, а македонските културни оператори се полноправни корисници на програмата.
Поддржаните 58 проекти од програмата „Култура 2007-2013“ на ЕУ, која беше во важност пред програмата „Креативна Европа“, несомнено, се сигурен показател дека Министерството за култура и македонските културни оператори и во иднина ќе ја продолжат својата интеграција во рамките на европскиот културен простор. Градењето на институционални и професионални капацитети, како и транснационалната циркулација во културниот сектор се приоритети на потпрограмата „Култура“ во рамките на програмата „Креативна Европа“. Особен акцент е ставен на креирањето нови пристапи за развој на публиката (консументите) во културниот сектор и за градење на одржлива публика на европско ниво. Учеството во новата програма ќе ги конкретизира потребите на културниот и на креативниот сектор во Република Македонија во еден поширок европски контекст.
Програмата „Креативна Европа“ е усвоена од Советот на Унијата на 5 декември 2013 година, а се однесува на периодот од 2014 до 2020 година. Во стратегиска и политичка смисла, програмата „Креативна Европа“ произлегува од актуелните политики на Европската Унија: Стратегијата 2020 на Унијата и Лисабонската стратегија. Концепциски, новата програма се базира врз позитивните искуства на трите програми: „Култура“, „Медиа“ и „Медиа Мундус“ (од 2007 до 2013 година), кои, редизајнирани, се присоединети во новата програма. Буџетот на новата програма изнесува 1.5 милијарди евра за перидот од седум години, а е наменет за аудиовизуелниот сектор (потпрограма „Медиа“), за културниот и креативните сектори (потпрограма „Култура“) и за меѓусекторска соработка.
Повеќе информации за следните повици за аплицирање за четирите акции (проекти за соработка, литературни преводи, мрежи и платформи) на потпрограмата „Култура“ во рамките на „Креативна Европа“ можете да најдете на следнава адреса:
http://ec.europa.eu/culture/opportunities/culture-support/index_en.htm