ДУО „Кадеша“ од Албанија, вечерва на Охридско лето

Вечерва на програмата на „Охридско лето“, концерт ќе одржи ДУО„Кадеша“ од Албанија.

Со многубројните награди кои ги стекнува на интернационалните соло и камерни натпревари, младиот виолинист Јонијан Илиас Кадеша постојано докажува дека е еден од највозбудливите и најинтересните музичари на денешницата. Своето деби го има уште на 12-годишна возраст, кога заедно со Оркестарот на Тоскана го изведува Виолинскиот концерт бр. 2 на Хенрик Вјењавски. Дипломирал на Атинскиот конзерваториум  „Лида Леуси“ со златен медал и посебни одлики. Своето образование го продолжува на Универзитетот за музика во Вурцбург, Германија, каде што во 2013 година ја добива својата уметничка диплома. Оттогаш, постојано е присутен на европската сцена, одржувајќи концерти и рецитали со бројни оркестри во цела Европа. Соработувал со голем број реномирани музичари и диригенти, а своето знаење постојано го надградува со учество на мајсторски курсеви.

Флоријан Глемсер започнал да се образува на Кралската музичка академија во Лондон, под менторство на професорот Хејмиш Милн, а потоа своите студии ги продолжил на Високата музичка школа „Франц Лист“ во Вајмар, Германија, во класата на професорот Григориј Груцман. Редовно настапува во различни камерни состави, а соработувал и со повеќе оркестри од неколку европски земји. Покрај класичната музика, негова голема инспирација е и џез-музиката. Добитник е на бројни награди на повеќе интернационални натпревари. 

Концертот е во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

FG_0600-1 (Custom)_cr