ВМРО-ДПМНЕ: Дали СДСМ ќе ја преземе одговорноста доколку се случи несреќа на мостот на желбите?

Во врска со денешната прес-конференција на советниците од опозицијата, реакција испрати ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, во која стои:

„Наследниците на бившиот градоначалник Александар Петрески, кој со својот тим го опустоши Охрид и кој меѓу другото овозможи на нелегален начин во 2009 година да биде изграден така наречениот мост на желбите по што дури за стореното незаконско дело на “донаторот“ Велија Рамковски кој во јавноста е познат по низа кривични дела му беше доделена и највисоката- Св. Климентова награда , денес се вратија на местото на злосторот, на така наречениот мост на желбите. Објектот е дивоградба, изграден е без проект, без надзор додека се градел и нема технички прием пред да се предаде во функција.

Ги прашуваме господата од СДСМ и нивните коалициони партнери -истомисленици кога станува збор за подржување на нелегални проекти, дали тие ќе ја преземат одговорноста доколку се случи несреќа на мостот? Дали тие ќе застанат во одбрана на дивоградбата доколку жител на Охрид или турист биде повреден од честите одрони кои од карпите паѓаат на мостот.

Наместо, “душегрижниците“, да го поздрават законскиот проект со кој се предвидува изградба на безбедна пешачка патека застануваат и јавно без срам го оправдуваат овој диво изграден објект кој е ризичен по живот. Знаеме дека СДСМ во својата безидејност не можат да разберат што е закон и што е законско работење, и токму поради тоа наместо да ги осудат тие ги оправдуваат и застануваат зад незаконски , нелегални и кривични дела. 

Ја повикуваме Општина Охрид во погоден тајминг да ги преземе сите законски мерки, со кои ќе се стави крај на оваа дивоградба која е опасна по живот за минувачите и да продолжи со реализација на проектот за изградба пешачка патека со која ќе се поврзуваат Градското пристаништето со населбата Канео која потоа ќе води и кон Лабино.“– стои во реакцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.