Без политичка мотивираност од страна на Атина и конкретен ангажман од поголемите земји членки на НАТО и ЕУ, не може да очекуваме какво било поместување во спорот за името, оценува министерот за надворешни работи Никола Попоски.
„Најголем ограничувачки фактор во моментов е што нема речиси никаков политички мотив во Грција сериозно да се седне и да се бара решение по однос на ова прашање. Причините се очигледни, бидејќи политичкиот фокус е на домашната сцена и предизвиците со кои се соочуваат, особено во делот на спречување на кризата во еврозоната ја апсорбираат практично целатата енергија која ја имаат. Дополнително, очигледно е дека сакаат да го избегнат ова прашање и да продолжат по патот на неносење одлука ниту во НАТО ниту во ЕУ и одлагање и на решението и на напредокот во однос на членството и почетокот на преговорите. За ова да се промени е апсолутно потребен поголем фокус од поголемите земји-членки на НАТО и на ЕУ,“ оценува министерот Попоски во контекст на изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел за инволвираноста во разговорите за името.
Според него, тоа е анализа која ја споделуваат речиси сите соговорници и смета дека во тој контекст Македонија мора да продолжи со проактивен и позитивен настап, но мора исто така и да видиме конкретни чекори на мотивираност во Атина. Без тоа не е реално да се очекува какво било поместување во однос на процесот.
„Ме радува фактот што таа анализа е јавно споделена од повеќе лидери, претставници на земји членки на ЕУ и НАТО и се надеваме дека тоа ќе биде и поткрепено со конкретен ангажман во следниот период бидејќи само на тој начин би можеле да го придвижиме тој процес“, рече Попоски.
Запрашан дали очекува медијаторот во спорот за името Метју Нимиц, кој идната недела ќе ги посети Скопје и Атина, да донесе нов предлог, шефот на дипломатијата вели нема најава за тоа.
Коментирајќи ја изјавата на Меркел дека спорот со Грција се однесува и за идентитетот, а не само за името, Попоски рече дека не е никаква тајна дека од самиот почеток амбициите на Атина се многу поголеми и се сосем надвор од каква било меѓународна правна рамка или демократски стандарди.
„Нашиот аргумент се демократските стандарди и меѓународното право, затоа и инсистирама на нив. Тука многу е јасно кој и на кој начин може да ги идентификува и идентитетот и правото на самоопрделување и оние основни човекови права. Сите други кои го набљудуваат овој спор се свесни дека грчкиот пристап покрај тоа што е нелегален, навлегува и во параметри кои се однесуваат на идентитет“, појаснува шефот на дипломатијата.
Во однос на Бугарија, министерот Попоски рече дека е направен суштински напредок по однос на сите поставени прашања.
„Нашето чувство беше дека правецот и насоката која ја фативме во овие дискусии ветува дека можеме да постигнеме решение. Во овој момент мораме да се соочиме со политичката реалност – предвремените избори во Бугарија и веројатно формирање нова влада. Остануваме на располагање да го надминеме овој проблем, а поддршка за тоа се и изјавите на претседателите на двете земји дека проблемот може да се надмине“, рече Попоски.
Тој денеска се обрати пред учесниците на Петтата годишна конференција на иселеничките организации.
Во однос за интересот на иселениците за отворање нови конзулати Попоски истакна дека фокусот на МНР ќе биде во насока на развој на што е можно повеќе услуги кои ќе се нудат онлајн, со цел да се намали времто и ресурсите кои ги користат за добивање такви услуги, како и да се зголеми ефективноста на програмата за конзуларни денови на места каде има позначителни македонски заедници.
Тој најави дека покрај стандардните проекти што МНР ги поддржува како културни катчиња, програмите за изучување македонскиот јазик онлајн или преку настава и афирмацијата на лекторатите по македонски јазик, новина ќе биде и можноста за стажирање на Македонци кои живеат во соседството или во дијаспората. Целта е рече, тие одреден период да поминат во македонски институции како МНР или други институии зависно од струката која ја имаат за создавање дополнителни врски. Годинава, најави Попоски во Охрид ќе се одржи и најголемиот летен камп за деца на иселеници.