Академија за убави уметности во Вевчани

Денес во минута до дванаесет, во Вевчани се роди Академијата за убави уметности Вевчани (АУУВ). Почивајќи врз вековните вевчански културни и уметнички традиции и обичаи, Академијата за убави уметности Вевчани како уметничка институција, целосно ќе го иницира, поттикнува и подржува развојот на вевчанската уметност и креативност и ќе се залага за нејзино сестрано унапредување.

Од денес, вевчанската хроноисторија и македонската уметност, култура и наука, се побогати со формирањето и работата на Академијата за убави уметности Вевчани, рече во своето инаугуративно обраќање градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски. Додаде дека со овој многу значаен творечки зафат „се потврдува многудеценискиот богат духовен живот на македонскиот народ и вевчанци што е вевчанска гордост и потврда за вевчанските неимари и градители кои на овие балкански простори и пошироко и во невремиња ја размножувале убавината-личнотијата на градбите и животот“.

Академијата за убави уметности Вевчани како нова културолошко-научна установа доаѓа како насушна потреба и за развој на креативните потенцијали и способности особено кај младите и талентирани луѓе што низ современи методи ќе ги согледува, анализира и унапредува состојбите во областа на културното наследство и природното богатство на Вевчани, истакна професор доктор Јован Стефановски-Жан, претседател на Иницијативниот одбор за формирање и работење на Академијата за убави уметности Вевчани. Седум секции ќе работаат во состав на Академијата за убави уметности, кажа Архитектот Стефановски: секција за традиции и култура, За книжевност и историја, За сликарство и скулптура,За архитектура и градителство,За театар и филм, За нови технологии и информатика и секција за За музика , спорт и забава.

Академијата за убави уметности Вевчани, ја сочинуваат 21 член кои моментно работаат на изготвување на предлози за избор на нови членови.