ВМРО-ДПМНЕ: Минатото локално раководство поддржуваше односно даваше зелено светло за се што е нелегално и незаконско

Во врска со соопштението од СДСМ, реакција испрати ОК на ВМРО-ДПМНЕ во која стои:

„СДСМ денеска уште еднаш јавно призна и потврди дека се партија која упорно подржува се што е незаконско и коруптивно, па од тука за нив е и очекувано и нормално јавно да кажат дека не е важен донаторот и начинот на кој мостот се градел, иако на целата македонска јавност им се доволно јасни криминалните дела на Велија Рамковски за што отслужува и затворска казна.

Ако вие од СДСМ сакате да бидете и “слепи“ и “глуви“ пред фактот дека минатото локално раководство поддржуваше односно даваше зелено светло за се што е нелегално и незаконско, охриѓани паметат се. Јавноста знае дека минатата локална власт “ги потхрануваше“ незаконските проекти па токму затоа јасно е зошто надлежните локални служби во тоа време не носеа решенија за рушење на дивоградбите од типот на ризичниот мост на желбите. Така минатата локална власт предводена од СДСМ дозволи да се гради мостот без претходно изготвен проект, без надзор при градењето и без технички прием пред да се предаде во функција.

Јавноста исто така памети дека минатото локално раководство беше и слепо и глуво на јавните укажувања на Претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во 2010 година, дека мостот е дивоградба и дека истиот мора се отстрани и да се најде соодветно решение односно негова замена со легално изграден и безбеден објект за минувачите.

Ги замолуваме припадниците на СДСМ да не се однесуваат како да се „паднати“ од друга планета, да се воздржат од лаги и манипулации и да се поштедат од подигање фами кога и самите знаат дека во интерес на летната туристичка сезона јавно беше кажано дека уривањето на мостот на желбите се одлага за погоден момент.

Жално но и очекувано е што за СДСМ не се прифатливи законски проекти од типот на пешачката патека која е предвидено да води од Градското пристаниште до населбата Лабино, која ќе биде безбедна за минувачите и на која нема да и се случат ризични оштетувања кои во неколку наврати беа карактеристични за мостот на желбите.“ – стои во реакцијата од ОК на ВМРО–ДПМНЕ Охрид.