Царинската управа на Република Македонија ги потсетува патниците кои имаат намера да ја преминуваат македонската граница за важечката царинска регулатива за патнички промет, со цел да се избегнат подолги задржувања на граничните премини и да се обезбеди брз и безбеден проток на патници и стока.
Таканаречениот „зелен канал“, таму каде што постои, патниците можат да го користат само доколку не поседуваат стока која подлежи на плаќање увозни давачки. Во спротивно се користи „црвениот канал“, се пријавува сé што патникот носи со себе и во т.н. скратена царинска постапка се царини стока чијашто вредност не надминува 60.000 денари (1.000 евра) по единствена царинска стапка од 15% и ДДВ од 18%.
Во Македонија, покрај личниот багаж и лекови за лична употреба, слободно може да се внесат до 200 цигари (или 100 цигарилоси или 50 пури или 250 грама тутун за пушење) еден парфем од 50 мл или една тоалетна вода од 250 мл и литар алкохолен пијалок или 2 литри вино. Ослободувањата за преработки од тутун и алкохол и алкохолни пијалоци не важат за патници помлади од 18 години.
Потребни се посебни дозволи за живи животни, суровини од животинско потекло, домашни миленичиња, како и за растенија. Забрана без исклучок постои за оружје и муниција, недозволени супстанци, отрови и штетни материи како и за фалсификувана и пиратска стока.
Домашните патници се ослободени од увозни давачки за увоз на стока од некомерцијална природа во вредност до 350 евра. Во овие 350 евра не влегуваат алкохолни пијалоци, преработка од тутун, парфеми и тоалетна вода.
Лимитот за внесување на пари изнесува 10.000 евра. Доколку се внесуваат ефективни странски пари над 10.000 евра, патниците се должни да ги пријават на царинскиот орган. Што се однесува до изнесувањето на пари од Македонија, резидентите мора да го пријават секој износ над 2.000 евра и 120.000 денари по лице при што се приложува потврда од овластена банка или менувачница. Изнесување на ефективни странски пари над 10.000 евра од страна на резиденти е забрането. Нерезидентите можат слободно да изнесат ефективни странски пари во износ до 10.000 евра и до 120.000 денари по лице. Доколку изнесуваат ефективни странски пари над 10.000 евра патниците се должни да ја дадат на увид писмената потврда во која е евидентиран износот при влез од страна на царинскиот орган.
Со цел да се обезбеди ефикасна работа на службата, зајакнување на интегритетот и борбата против корупција, од Царинската управа, ги повикуваат граѓаните да го искористат своето право сите воочени неправилности во постапувањето на службениците на Царинската управа да го пријават на бесплатниот телефонски број 197 кој е отворен 27 часа, 7 дена во неделата. Царинската управа на Република Македонија, во согласност со националната Стратегија за борба против корупцијата, покрена неколку проекти вонастојувањето да ја искорени оваа негативна појава која го нарушува интегритетот на царинската служба.
Преку ефикасна организација и примена на современи царински постапки, на сите оние кои доаѓаат во Македонија, на оние кои патуваат во странство или транзитираат низ земјата, Царинската управа ќе им обезбеди брза, безбедна и лесна царинската контрола.