„Како што милувате“ носи драма и танц на „Охридско лето“

Спој од глума и танц ќе има можност да види охридската публика утревечер во дворот на Основното училиште „Свети Климент Охридски“ со почеток во 21 часот каде ќе биде изведена театарската претстава „Како што милувате“ на текст од Вилијам Шекспир, а во режија на Брајан Мајклс.

Претставата ќе ја донесат актерите и танчерите од Одделот за драма и танц Битом од Полска.

„Интересно е што оваа претстава е напишана во 1599 година, во годината кога е напишан и „Хамлет“. Ја работевме во Полска, во ноември и декември минатата година. Луѓето што играат во неа истовремено се и актери и танчери. Во самата драма има многу движења, многу енергија, така што публиката може да очекува нешто посебно од неа и од актерите“ – вели режисерот Брајан Мајклс.

Во претставата, сите ликови, влкучувајќи ги и женските, ги играат машки актери, што е една од спецификите на ова дело.

Процесот на работа беше напорен, но истовремено и возбудлив и забавен. Јас ја играм улогата на Розалинд во претставата. Таа е највозбудливиот и најинспиртивниот лик. Се подготвував пет седмици за оваа улога и имав интензивна и напорна работа, но истовремено многу забавна. Претставата и се допадна на полската публика зашто е и лесна и забавна“- вели актерот Пјотр Вах.

Неговиот колега Јарен Видух кој истовремено на сцената доловува ликови на маж и жена.

Ја играм Фиби во претставата која живее во шума. Истовремено играм и машка улога, така што морам да се соблечам, да променам друг костум бидејќи така е напишано од страна на Шекспир. Значи во исто време треба да покажам и јачина и емоции. Да ги имам карактеристиките на женската улога, емоциите на женскиот лик, ама и појакиот карактер на машкиот “- одгатнува Видух.

Режисерот, како што кажаа актерите кои денеска беа во дворт училиштето каде што ќе се игра претставата, користел поебна техника, и со секој актери поединечно анализирал какви движења му одговараат на сензибилитетот.

Нашиот перформанс се состои и во тоа што се соживуваме со карактерите на ликовите“ – велат полските актери.

Вечното дело од Вилијам Шекспир „Како што милувате“ ѝ овозможува на публиката вниманието целосно да го пренесе и насочи во едно време на сплетки, закани, прогонства и интересни комични дејства, каде што сепак љубовта победува на крајот.