Министерката Канческа-Милевска се сретна со режисерот на „Скопје ’63” Вељко Булајиќ

Министерката Канческа-Милевска и градоначалникот на Град Скопје, Трајановски се сретнаа со режисерот Вељко Булајиќ, авторот на документарниот филм„Скопје `63“, што се проектира синоќа, во Музејот на град Скопје, во рамки на одбележувањето на 51 година од катастрофалниот земјотрес во Скопје, што се случи далечната 1963 година.

„Ми претставува особена чест што сте овде со нас за да ги споделите вашите искуства од снимањето на сите тие страшни слики од катастрофалниот зејотрес што далечната 1963 година до темел го разори Скопје. Преку вашиот филм во Светот се пренесе видео сведоштвото за еден град којшто веќе го немаше, но вие и вашето филмско дело бевте нашите амбасадори коишто го пренесоа скопскиот крик за помош секаде низ Европа и Светот. Можам само да ја изразам мојата благодарност што ни овозможивте ние денес да живееме во едно ново Скопје, кое од ден на ден ја испишува новата историја и на архитекторнски и на културен план,“ му порача на Булајиќ, градоначалникот Трајановски.

На средбата присуствуваа Зоја Богдановска, виш кустос историчар, автор на изложбата во МГС, насловена како „Скопје 63 – филмска хроника на едно време“ и министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска којашто му се заблагодари на режисерот Булајиќ за неговата улога во спасувањето на Скопје и помошта за скопјани да си го вратат животот. Екипата од МРТВ, ќе сними документарна емисија за режисерот Вељко Булајиќ и за неговиот престој во Скопје, 50 години по премиерата на филмот.

Kancaska_Milevska_Bulajic_4

Осумдесет и шест годишниот режисер истакна дека со тогашниот градоначалник на Скопје, Благој Попов се чуле преку воен телефонски линк, кога му биле соопштени лошите вести.

„Тогашниот градоначланик на Скопје, Благој Попов ме побара и посака да дојдам во вашиот град барем на 5 дена и да ја снимам катастрофата што го срамни со темел Скопје. Јас дојдов и снимав 5 дена, но тогаш сватив дека тоа ќе го направат и сите други репортери и одлучив со целата моја екипа да останам уште 5 месеци и да го направам тој филм. Уште ми се живи сликите на единството на народот и неговата желба да го кренат од пепел овој град. Се надевам дека со мојот филм барем малку му помогнав на Скопје и мислам дека  буди сеќавања за една катастрофа од невидени размери. Кога филмот доби златен лав во Венеција, ми пријде еден бизнисмен од Македонија и за скромни пари ни ги побара правата да го дистрибуира во Америка и ние се сложивме. По прикажувањето во Америка и секаде во Светот стигна уште еден бран помош од земјите каде што беше прикажан филмот. „Скопје`63“ го правевме со многу љубов и ентузијазам, зашто дур го снимавме не движеше силата на народот, но и на странците кои несебично помагаа, тука во Скопје можеше да се види како се дружат руските војници со оние од Америка, помагајќи му воедно на македонскиот народ, тоа се незаборавни моменти во мојот живот, но и дел од мојот професионален опус“, рече Булајиќ.

Режисерот Булајиќ, рече дека Скопје денес изгледа фантастично, по земјотресот во Скопје бил само еднаш пред шест седум години и еве сега повторно.

„Ќерка ми Маша со којашто сум тука, неодамна ми рече, тато па јас го знам Скопје само преку твојот филм, сакам да го видам сега и токму затоа дојдовме заедно и навистина има што да се види, градот се развива и добива сосема нов лик. Вашата земја и тоагаш и сега има врвни уметници, токму затоа се надевам дека моите планови за повторна соработка со македонските синеаисти ќе се остварат наскоро“, потенцираше Булајиќ.

Вељко Булајичќ е роден на 23 март 1928 година во Вилуси, Никшиќ, Црна Гора, но последните 40 години години живее и и работи во Загреб, Република Хрватска. Во својот долг животен опус као режисер постигнува успех со многу филмски остварувања од тогашната филмска сцена, меѓу кои се: документарниот филм за катастрофалниот земјотрес во Скопје „СКОПЈЕ 63“, филмовите Неретва (1969), Козара(1962), Атентат во Сараево ( 1975) и други.

Утрото на 26 јули 1963 година режисерот Вељко Булајиќ се наоѓал на Филмскиот фестивал во Пула, кога ја примил веста за земјотресот и ја добил поканата од Благој Попов, Претседател на Градското собрание на Скопје, да биде снимен филм за катастрофалниот земјотрес во Скопје. Вељко Булајиќ заедно со филмска екипа од „Јадран филм“ дошол во Скопје третиот ден по несреќата и започнал да го снима филмот. Токму поради овој факт, првите 9 минути во филмот користитен е веќе снимен материјал од други сниматели.

Филмот бил прикажан насекаде во светот, после 1964 година, чијашто проекција придонела да се добијат дополнителни донации за обнова и изградба на Скопје. Меѓу последните кадри на филмот се појавува и тогашната млада пејачка Есма Реџепова како пее во центарот на Скопје.

Филмот претставува автентичен документ за Скопската катастрофа и раѓањето на еден град, но заради својата исклучителна уметничка вредност, исто така, филмот има освоено бројни награди на филсмките фестивали и тоа:

– 1964 година: „Златниот лав на св. Марко“ и „Сребрена гондола“ на Филмскиот фестивал во Венеција, Награда за најдобар филм на Фестивалот во Единбург, Награда на УНЕСКО и други

– 1965 година : Прва Награда „Златен клас“на Фестивалот во Вајадолил, Најдобар филм на Фестивалот во Белград, Специјална награда по повод 800-та годишнина на Градот Лајпциг и други.

kanceska_milevska_bulajic_2