Со наслов „Патинирани цитати” сабота, (2-ри август) од 19,00 во Куќата на Робевци-Охрид ќе биде отворена изложбата на Мирчо Матевски – Рисимкин.
Изложбата ќе ја отвори професор д-р Иван Џепаровски, од Институтот по филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје.
„Геометризмот на Мирчо Матевски целосно е втопен во традицијата. Правоаголниците, триаголниците и круговите Матевски ги претставува дводимензионално, како во платната „Патот на тајната книга“ (2012), „Белиот ангел“ (2012) или „Враќање“ (2010). Со тоа не само што се поврзуваат за светската уметничка традиција на геометризмот во сликарството, туку се надоврзуваат и на нашата македонска сликарска традиција која уште од времето на средновековниот фрескоживопис и иконопис па сè до делата на непосредниот учител на Мирчо Матевски, нашиот прочуен сликар Димитар Кондовски, има свој креативен апогеј“, оценува стручната критика.
Мирчо Матевски – Рисимкин е роден во Скопје, 1961. Завршил средно уметничко училиште “Лазар Личеновски”1980 г. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, 1984, во класата на професорот Димитар Кондовски, а во 2012 магистрирал на ФЛУ во класата на професорот Јован Шумковски. Член е на ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија) од 1984г. Запослен во Меѓународни училишта-НОВА во Скопје. Помеѓу 1998 и 2009 живее и работи во Австралија.