Промовиран проектот – „Предложете сообраќајна контрола на веб-страницата на МВР“

Факт е дека нема граѓанин кој не е засегнат од состојбите во сообраќајот и дека се зголемува граѓанскиот активизам, односно сугестиите, мислењата и забелешките за одредени проблеми. Затоа со проектот предвидовме граѓаните да можат на интернет страната на Министерството да испратат некаква информација или забелешка за одредени неправилности на одредени улици на кои честопати биле сведоци. Ова, меѓу другото го истакна министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска на денешната прес конференција на која што беше промовиран новиот од низата проекти на МВР – „Предложете сообраќајна контрола на веб-страницата на МВР“ – предвиден во програмата на Владата Република Македонија која доби поддршка на последните избори од мнозинството граѓани.

Проектот има за цел подобрување на состојбите во сообраќајот, односно зголемување на безбедноста и поефикасно откривање и санкционирање на непочитувањето на сообраќајните правила и прописи.

„Потребно граѓаните само е да ни ја наведат локацијата и временскиот период во кој најчесто ги забележале овие појави без разлика дали станува збор за брзо возење, некакви трки, непрописно паркирање или други непочитувања на сообраќајната сигнализација. Ниваната забелешка веднаш ќе биде проследена до Секторот за сообраќај од каде што во најкус можен рок ќе биде изготвен план за вршење на контрола во однос на информацијата доставена од граѓаните. По завршувањето на контролата наша ќе биде обврската повратно да ги известиме граѓаните за преземените мерки, констатираната состојба и изречените санкции“, појасни Јанкулоска.

Според министерката Јанкулоска останува да се види дали со тоа ќе се зголеми бројот на регистрирани прекршоци и бројот на казни, но сигурно е дека тоа ќе значи поголема внимателност и поголемо почитување на сообраќајните правила и прописи. Притоа Јанкулоска презентираше дел од статистичките показатели по однос на прекршочните сообраќајни санкции.

Така, годинава се бележи зголемен број на регистрирани прекршоци за нешто повеќе од 4%. Во првите шест месеци регистрирани се 73152 прекршока на патиштата низ земјава или приближно 400 прекршока дневно низ целата земја. Најолем дел се во Скопје 15.696 или околу 86 секој ден. Сепак треба да се напомене дека токму во Скопје бројот е во опаѓање во однос на првото полугодие од минатата година за повеќе од 20%. Најголем пораст на регистрираните прекршоци е забележан од автопатната полиција. Зголемувањето е за над 19%, а биле забележани околу 77 прекршока секој ден. Што се однесува до видовите на прекршоци кои најчесто се регистрирани, првите пет се: “непрописно запирање и паркирање на возила“ – 9301; “употреба на нерегистрирано возила“ – 8715; “брзо возење“ – 7955; “управување без возачка дозвола“ – 7346 и “возење под дејство на алкохол“ – 4365 прекршока.

Инаку, според Јанкулоска овој е првиот проект од повеќето посветени на подобрување на состојбите во сообраќајот. Во соработка со локалната самоуправа и Републичкиот совет за безбедноста на сообраќајот на патиштата предвидени се проектите – “Зони на смирен сообраќај“, и „Дали возам безбедно“. За подигнување на довербата предвидено е и снимање на местото каде се врши контролата, а во догледно време се планира да се поедностави и процедурата за добивање записници од незгодите по електронски пат.