Изложбата „Големото срце и ум на Вангел“ , вечерва со почеток од 23 часот па се до 2 часот после полноќ ќе биде отворена во рамките на годинешнава програма на Охридско лето. Ликовните дела од познатиот охридски уметник Вангел Наумовски ќе бидат изложени во неговата семејна куќа, Охридска порта Љубица.
За делата на Наумоски може да се каже дека се извонредно прифатени од стручната јавност, со многубројни критички осврти во кои се воспева неговиот опус.
Според д-р Кирил Темков, Охрид даде неколку личности што се од големо значење за светот и за Македонија. Св. Еразмо беше првиот кој ги донесе од Левантот христијанските сознанија и големите лекарски уменија, за да се применуваат со величествената езерска лековита вода. Светите Климент и Наум Охридски, тука, со своите знаења ја доизградија бесмртната просветителска градба на нивните учители – светите Кирил и Методиј, правејќи нови книги, прв словенски универзитет, прв манастир и болница на изворот на Езерото, учејќи ги луѓето на Божјата реч, на ред, работа, земјоделство, овоштарство и музика. Царот Самоил создаде престолнина во Охрид. Михаил и Евтихиј маестрално ги насликаа најубавите светски црковни фрески во црквата Св. Богородица на ридот. Григор Прличев ги опеа со класични Хомерски стихови потфатите на новите регионални јунаци, а создаваше можен единствен јазик на милионите од истиот род. Христо Узунов беше блескав херој над хероите во епохата на барањето на национална и социјална правдина. Вангел Наумовски, меѓу овие ѕвезди на македонското небо, е изворен творец на чудесни слики и цртежи, архитектонски макети, поетски творби и музички импровизации.
Наумовски е роден во Охрид во 1924 година. Неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот.