Организиран Еко-караван по патеките на Илинска-Плакенска Планина

Еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид во рамките на проектот „Поврзување на луѓето со природата – зајакнување и вмрежување на граѓанските здруженија во Македонија“ вчера, на 2 август (Илинден) организираше Еко-караван по патеките на Илинска-Плакенска Планина. Еко-караванот стартуваше од Охрид и опфати сликање и собирање растителни видови за изработка на хербариум од флората на Илинска-Плакенска Планина. Главниот настан беше на локалитетот Илинска црква каде членови од друштвото делеа информативни материјали и се дискутираше со присутните луѓе на народниот собир. Настанот предизвика значителен интерес побудувајќи го интересот на присутните за одржливо искористување на флората од планината. Целта на настанот беше да ја подигне свеста на населението и да информира за значајни растенија од флората на Илинска-Плакенска Планина кои имаат медицинско/комерцијално значење, односно се експлоатираат најмногу од страна на локалното население. На еко-караванот учество зедоа членови од друштвото, заинтересирани граѓани, претставници од институции одговорни за управување со природните ресурси, собирачи на лековити растенија и други.

Во наредниот период претстои организација на неколку слични настани кои имаат цел зачувување и заштита на богатиот растителен свет на Илинска-Плакенска Планина со вклучување на месното население и заинтересирани граѓани.