Градбата на трите автопатишта во Македонија е силен импулс за економијата. Се наоѓаме во силна инвестициска активност која продуцира вработување, раст на БДП и работа за градежната индустрија, а преку неа и на многу други индустрии кои се поврзани.
Ова го истакна премиерот Никола Груевски во одговор на прашање по доделувањето решенија за легализација на бесправно изградени објекти во општина Кисела Вода.
„Покрај трите автопатишта Кичево-Охрид, Демир Капија-Гевгелија и Скопје-Штип истовремено се проширува експресниот пат Велес-Кадрифаково и целосно и темелно се реконстурира автопатот Велес-Скопје што е речиси како градба на нов пат, бидејќи целосно се вади асфалтот, се рамни се и се става нов асфалт. Сето тоа е сложена операција во која се инвестираат околу 860 милиони евра“, рече Груевски.
За изградба на овие патни правци, посочи, во моментов се ангажирани околу 760 работници, а се планира наскоро бројката да дојде до 2.200 работници.
„Освен што се работи на долгорочно решавање на проблемот со патиштата и автопатиштата во периодот додека тие се градат се решава и проблемот на вработување на голем број на лица. Темпото на изградба нема да застане, бидејќи ова не се единствените патишта што ќе се градат. Во план е изградба и реконструкција на поголем број други патишта меѓу кои Охрид-Пештани, Куманово-Табановце, Градско-Прилеп“ истакна Груевски.