Во струшко при семејна веселба повредени пет лица

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Предизвикување општа опасност“ и „ Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, полициската станица од Струга против лицето Н.В. (52) од струшкото село Џепин, поднесе кривична пријава.

На трети овој месец околу 14,30 часот, пријавениот на свадбената веселба испукал повеќе куршуми од огнено оружје-пиштол кој го поседувал без дозвола. Притоа, неколку куршуми завршиле во бетонската плоча од неговата куќа по што се случило повредување на пет лица кои што присуствувале на свадбената веселба.

Со повреди во пределот на челото се здобил А.Д. (46) од селото Ливада додека М.В. (19) од селото Џепин се здобила со влезно-излезна рана на задниот дел од десната нога. Кај В.В. од истото село се нанесени повреди во мускулниот дел од десната потколеница а други две лица се здобиле со огреботини по телото.

Предизвиканите повреди се констатирани од доктор-хирург при општата болница во Струга.

Огненото оружје кое Н.В. нелегално го поседувал и со кое се предизвикани повредите е пронајдено од полициските службеници и одземено. Истото е испратено на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.