Над 5.100 пензионери и студенти искористиле бесплатен превоз со воз

Претстојниот викенд, сите возрасни лица може бесплатно да се возат со воз во земјава, а утре сите студенти. Ова е овозможено согласно владините одлуки донесени минатиот месец, а кои досега ги искористиле 1.000 возрасни лица, 3.500 млади лица до 27 години, 600 студенти и 1.000 лица кои купиле билет со попуст.

Портпаролот Александар Ѓорѓиев истакна дека Владата е задоволна од опфатот на лицата кои ја искористиле можноста бесплатно да го користат железничкиот сообраќај и посочи дека најмногу возрасни лица над 50 проценти патувале од Скопје, потоа следуваат Велес, Прилеп и Битола. Кај студентите и кај лицата кои купуваат со попуст најмногу биле од Велес, потоа од Прилеп, Битола и од Скопје.

Владата на Република Македонија минатиот месец донесе одлуки со кои се овозможи бесплатен железнички превоз во одредени периоди од месецот кои важат за поедини категории граѓани. Со овие одлуки бесплатен железнички превоз има за сите повозрасни лица, односно за жени над 62 години и за мажи над 64 години, во текот на секој втор викенд во месецот, а за сите млади лица до 27 години во текот на третиот викенд во месецот. Секој четврток има бесплатен железнички превоз за сите студенти во земјава, а согласно последната одлука овозможен е попуст од 50 проценти на железничките билети за сите студенти и за сите ученици.

Според Ѓорѓиев бесплатното патување за возрасните лица во вториот викенд од месецот е добра можност да го искористат овој викенд и на тој начин да заштедат дел од трошоците кои би ги дале во случај на обезбедување на превозот.

„Сите граѓани кои влегуваат во оваа категорија и имаат желба, идеја или потреба да патуваат да го користат железничкиот сообраќај тоа може бесплатно да го сторат во деновите петок, сабота и недела“, изјави денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

За да го користат бесплатниот превоз возрасните лица треба на благајните на железничките станици да приложат лична карта и врз основа на тоа ќе им биде издадена карта, во која е вклучено и осигурувањето. На оние железнички станици на кои не постојат благајни и на кои не може да се извади билет, патниците тоа може да го сторат по качувањето во возот кај кондуктерот.

Утре, пак, железничкиот сообраќај бесплатно може да го користат сите студенти. Бесплатниот превоз го добиваат врз основа на студентскиот индекс или легитимација. Билетот што ќе добијат може да го користат секој нареден четврток.