Во рамките на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата Министерството за култура во рамките на континуирано поддржува низа проекти на националните установи, локалните институции, поединци, како и на граѓанските здруженија, односно невладиниот сектор, од областа на ликовното творештво и галериската дејност преку кои се овозможува континуирана презентација на македонската ликовна уметност и богатото ликовно творештво во меѓународни рамки.
Реализацијата на проектите од областа на ликовната уметност оваа година се одликува со реципрочно претставување на македонското и на светското ликовно творештво што вклучува организација на ликовни изложби (групни и самостојни), ликовни колонии, како и учество на Биеналето на архитектурата во Венеција.
Како позначајна активност од оваа дејност што ќе се реализира во септември со поддршка на Министерството за култура е изложбата „Мејд ин Маседониа – Бриколаж“ (Made in Macedonia – Bricolage) во организација на НУ Музеј на современата уметност, која ќе биде изложена во просториите на Амбасадата на Република Македонија во Виена. Изложбата е во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура во Виена, Австрија“, а по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Австрија. На изложбата ќе бидат претставени следниве македонски автори: Антони Мазневски, Исмет Рамиќевиќ, група ОПА, Ива Димевска, Атанас Атанасовски, Вања Урошевиќ и Дијана Томиќ-Радевска.
Кон средината на септември, Друштвото на ликовни уметници на Македонија – Скопје ќе реализира претставување на изложбата „Експериментален цртеж“ во Палата Луцерна во Прага, Чешка. Изложбата вклучува дела кои го поврзуваат цртежот со сликарството, скулптурата, фотографијата, филмот, графитите и дигиталната уметност.