СДСМ: Дали се прибрани финансиски средства од Светското првенство и каде се потрошени?

ОО на СДСМ Охрид денес испрати соопштение до медимуите, во кое стои:

„ЈП Билјанини Извори мора да престане со својата неодговорност и несериозност и постојано да ја лаже јавноста. Не е точно дека ова претпријатие претходниот месец на своите вработени им исплатило две плати. Вистината е дека платата за месец февруари вработените ја добиле на 14 Јули, значи со задоцнување од пет месеци, а платата за месец Март на 01 Август.

Овие факти оставаат простор за сериозен сомнеж и за тврдењето од Јавното претпријатие дека воопшто подмириле некаков долг кон ЕВН.

Дополнително, бараме ЈП Билјанини Извори да ја информира јавноста дали и колкав финансискиот бенефит оствари ова јавно претпријатие од одржувањето на Светското кадетско првенство во ракомет за жени. Дали за овој меѓународен турнир ЈП Билјанини иозвори воопшто потпиша договор за користење на спортската сала?

Ова особено имајќи во предвид дека за користење на спортската сала, за одигрување на еден натпревар од ваков ранг, цената е 60.000 денари. Во Охрид беа одиграни вкупно 46 натпревари. Значи ЈП Билјанини извори требаше да инкасира на својата сметка 2.760.000 денари. Тоа се доволно средства за две плати за вработените во претпријатието.

На овие средства треба да се додадат и средствата кои требало да бидат дополнително обезбедени од одржаните тренинзи и припреми на неколку репрезентации.

Бидејќи станува збор за јавно претпријатие, очекуваме транспарентни одговори пред охридската и македонската јавност од ЈП Билјанини Извори: дали се прибрани финансиски средства од Светското првенство и каде се потрошени? “- стои во соопшетнието на ОО на СДСМ Охрид.