ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ потврди дека се гордее со пустошот што зад себе го остави во Охрид

Во врска со соопштението од СДСМ, реакција испрати ОК на ВМРО-ДПМНЕ, во која стои:

„Со вакви соопштенија испратени до медиумите СДСМ денес по кој знае кој пат потврди дека е горда на пустошот што зад себе го остави како во Охрид така и во охридските јавни претпријатија меѓу кои е и „Билјанини извори“.

Со заминувањето на СДСМ од локалната политичка сцена заврши и ерата во Охрид кога не само што неосновано се трошеа пари за прескапи презентации кои до денес не се оправдаа туку се трошеа и народни пари за приватни ручеци низ охридските кафеани. Да, вие од СДСМ во свое време „јадевте“ цели јавни претпријатија, а меѓу нив и „Билјанини извори“ кое го оставивте со долг од околу 20 милиони денари.

Новиот менаџерски тим, и локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ вложува максимални напори да го застане на финансиски здрави нозе ова претпријатие кое буквално го осакати СДСМ. Со доаѓањето на новата локална гарнитура и новиот раководен тим, претпријатието стана домаќин на бројни спортски, забавни и детски манифестации, што не беше случај во време на СДСМ кога владееше, мртвило и хаос на секој план.

Со парите од Светското кадетско првенство во ракомет за жени што неодамна се одржа во ЈП „Билјанини извори“, а кои се очекува на ова претпријатие да ги исплати Ракометната Федерација на Македонија, фирмата ќе ги подмирува сметките за ручеци и лични уживања што на трошок на претпријатието ги направило бившото раководство од СДСМ.

Да, новиот менаџерски тим не само што вам од СДСМ ќе ви ги плаќа сметките за ручеци туку ќе ги подмири и хонорарите на членовите од Управните и Надзорните одбори од ваше време, а во кои беа вгнездени ваши блиски роднини и пријатели.

Од парите добиени со реализација на овој и други проекти претпријатието ќе ги исплаќа заостанатите плати од времето на СДСМ па дури и за фиктивно вработени луѓе односно лица што СДСМ со автобуси ги праќала на своите предизборни митинзи.

И за крај, Дали вие од СДСМ додека ручавте по кафеани и мени на трошок на ЈП „Билјанини извири“ се запрашавте што ручале вработените во ова претпријатие кои многу месеци ги остававте без плати, а кои сега ние ги исплаќаме!?“ – стои во реакцијата од ОК на ВМРО–ДПМНЕ Охрид.