Кривична пријава за лица од Скопје поради извршени кражби во Охрид

Секторот за внатрешни работи Охрид, против М.М (22), Т.Е.(22) и М.М.(21) сите од Скопје поднесе кривична пријава. Пријавата се однесува на постоење основи на сомнение дека првопријавениот М.М. сторил 12 казнени дела од кои една разбојничка кражба, десет тешки кражби и една кражба додека пријавените Т.Е. и М.М. сториле 12 казнени дела „Помагање“.

Првопријавениот М.М. иако имал определена мерка „куќен притвор“, го напуштил својот дом во Скопје и во текот на минатиот месец, во Охрид и околните населени места, заедно со другите двајца ги извршиле казнените дела. Тој, со употреба на физичка сила, со нож и друг подесен алат насилно ги отворал влезните врати и прозорците, влегувал во повеќе станови и куќи, вршел пребарување и одземал пари, златен накит, фото апарати и други вредни предмети. М.М ги користел приликите и низ незаклучени или отворени влезни врати влегувал во домовите, вешто се качувал до првиот кат и низ балконските врати влегувал и ги пребарувал собите. Со подесен алат и насилно ги кршел буренцата од влезните врати и прозорските стакла, а во авто-кампот „Градиште“ со кинење на заштитната мрежа влегувал во приколките и одземал пари и се што е вредно. На плажата „Акапулко“ го искористил невниманието на еден странски државјанин и од лежалката одзел ташна со пари, рачен часовник „Таг Хауер“ и другу предмети.

Додека првопријавениот М.М. ги извршувал кривичните дела, второ и третопријавените Т.Е. и М.М. со претходна опсервација на куќите и становите, му обезбедувале непреченост во извршувањето на тешките кражби. Тие му обезбедиле и патничко моторно возило како и сместување во авто-кампот „Градиште“.

Од извршените 12 казнени дела, пријавените се стекнале со противправна имотна корист од близу 3000 евра.