Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод изборот на функцијата Претседател на Република Турција, упати честитка до г. Реџеп Таип Ердоган, новоизбраниот претседател на Република Турција.
„Почитуван господине Ердоган,
Со големо задоволство ја примив веста дека турските граѓани Ви ја дадоа довербата и Ве избраа за Претседател на Република Турција. Во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, Ви упатувам срдечни честитки за изборот и искрени желби за успешно извршување на одговорната функција.
Дозволете ми, почитуван Претседателе, во оваа свечена пригода, да го изразам задоволството од исклучително високиот степен на традиционални пријателски односи и соработка меѓу нашите земји. Уверен сум дека во наредниот период соработката не само што ќе продолжи, туку и ќе се интензивира во сите области од заемен интерес, за што сакам да ја повторам мојата и на Република Македонија целосна подготвеност. Би сакал да искажам благодарност за безрезервната поддршка која Република Турција и ја дава на Република Македонија на патот на евроатлантската интеграција, како и да ја истакнам длабоката увереност и очекувањето дека истата ќе продолжи и во претстојниот период.
Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.“ – стои во честитката на претседателот Иванов.