Годинава Владата на Р.Македонија донесе законски решенија со кои доколку еден работодавец вработи лице коешто е примател на социјална парична помош, истиот да добива во период од 24 месеци 80 отсто од сумата којашто лицето ја добивало по основ на социјална парична помош.
„Сакаме да ја актуелизираме оваа владина мерка и да ја претставиме пред работодавците затоа што таа нуди исклучително добри можности за нив во смисла на финансиска помош од страна на државата со којашто тие би заштедиле дел од трошоците за плати, а од друга страна и да придонесат за оваа категорија на граѓани да бидат ангажирани и на тој начин да ја остваруваат својата егзистенција“, посочи владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Работодавецот има обврска после тие 24 месеци да го задржи работникот за уште дополнителни 24 месеци.
Во најголем дел, нагласи Ѓорѓиев, висината на социјална парична помош изнесува помеѓу 3 и 5.000 денари, а преку оваа мерка 80 проценти од висината на социјалната парична помош, којашто би ја добивал работодавецот доколку вработи корисник на социјална помош е просечно од 2.500 до 3.000 денари.
„Доколку вработи лице корисник на социјална помош на пример на плата од 10.880 денари придонесите по однос на таа нето плата, односно персоналниот данок и придонесите за социјално осигурување изнесуваат околу 4.500 денари. Во таква ситуација овие 3.000 денари коишто би ги добил работодавачот претставуваат покривање на над 50 отсто од трошоците за даноци и придонеси за ангажирање на работник што е навистина една значајна финансиска помош за самиот работодавач“, појасни Ѓорѓиев.
Во случај на отпуштање на работникот, истиот продолжува да ја користи паричната социјална помош, а работодавецот е задолжен да ги врати парите кои ги земал од неговата социјална помош, додека тој работел кај него.
Доколку пак работодавецот вработи лице корисник на социјална помош а истото е на возраст по 29 години, тогаш ќе може во комбинација да ги искористи и двете владини мерки коишто му стојат на располагање. Односно врз основа на еден закон комплетно ќе биде ослободен од плаќање на придонеси, а врз основа на другиот закон ќе добие дополнителни 2.500 до 3.000 денари од државата.
„Уште еднаш аплираме до сите работодавачи да ја разгледаат добро оваа можност, да ги искористат придобивките коишто им стојат на располагање. Во АВРМ постојано се на располагање да понудат листа на лица коишто можат да бидат ангажирани врз основа на оваа мерка и на тој начин работодавецот да добие пари од страна на државата во висина од 80% од социјаланта прична помош којашто лицето ја добивало, а од друга страна овие лица коишто се во определен социјален ризик да бидат вработени и да може со сопствени сили да ја остваруваат својата егзистенција“, истакна владиниот портпарол.