Со заем, во висина од 107 милиони 672 илјади денари или 1 милион 750 илјади и 775 евра, што Општина Охрид очекува да го добие од Меѓународната банка за обнова и развој, Локалната ќе реализира капитални инвестициски проекти. Предвидена е рехабилитација на неколку локални улици и два локални патни правци и набавка на најсовремени специјални возила за ЈП “Охридски Комуналец“. Станува збор за инвестиција која што никогаш до сега во ваков размер и во ваков обем за релативно краток период не се случила во Охрид.
По тој повод денес во зградата на Општина Охрид се одржа јавна расправа што е една од финалните постапки кои што Светска банка ги налага пред одобрување на конечен кредит за неколку проекти за кои што службите на Општина Охрид изминатата година и неколку месеци напорно работеа.
„Задолжувањето ќе се реализира по пат на домашно долгорочно пред позајмување преку проектот за подобрување на општинските услуги и тоа под следните услови: Каматната стапка ќе биде одредена врз основа на еден шест месечен јури бор со варијабилен распон. Од она што до сега го имавме врз база на пресметките во изминатите години оваа каматна стапка не надмина никогаш повеќе од 2 %. Рок на отплата на овој заем ќе биде 13 години со грејс период од 3 години. Тоа пресметано би значело дека годишната рата е од 12 милиони 705 илјади и 372 денари или 206 илјади 591 евро на годишно ниво. Последниот датум на отплата на заемот не треба да биде повеќе од 15-ти февруари 2030 година,“ објасни градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, кој конкретно посочи за кои капитални инвестициски проекти ќе бидат искористени парите кои се очекува на заем да ги добие Општина Охрид.
„Во рамките на овие проектни активности ќе бидат изведени следните капитални инвестиции:изградба на две раскрсници и тоа онаму каде што се вкрстуваат улиците “Туристичка“ со “Македонски просветители“ и другата раскрсница е на улица “Туристичка “со улица “Бистрица“. Понатака ќе имаме рехабилитација на површината на патиштата , реконструкција на коловозот , изградба на атмосферска канализација на 8 улици и патишта и тоа: улица “Питу Гули“, улица “Сатеска“- Воска, улица “Трајче Трајчески“-Воска, улица “Миќа Гилиќ – Воска, улица “Васил Стефоски“- Воска, локален пат, “Илија Смиќоски“ во село Лескоец, улица “Ристо Чадо“ и локален пат од Елешец до село Елшани. Тука влегува капиталната инвестиција за набавка на пет специјални возила наменети за ЈП “Охридски комуналец“ за јавна чистота .Од нив две возила за собирање отпад се со капацитет до 3 метри кубни , едно возило за собирање отпад со капацитет 9 плус еден метар кубен, едно возило за собирање отпад со капацитет од 16 плус еден метар кубен . Една хидростатска машина за чистење на улици по електричен пат и секако поставување ограда во должина од 1 850 метри околу депонијата кај Буково без кој предуслов не можеше да се изработи физибилити студијата за добивање заем за набавка на возила за ЈП “Комуналец“ од Охрид,“ потенцира градоначалникот Бакрачески.
Како што веќе е познато за заеми кои ја надминуваат вредноста од 800 илјади евра, Светска Банка одобрува грант од 5 %кој што понатака како што е случај со конкретниов заем што го очекува Општина Охрид ќе можат тие 5 % да се искористат за изведување на слични инфра- структурни проекти. Нормално неискористениот износ од кредитот се враќа назад , секако доколку во една тендерска постапка се постигнат подобри цени. Значи Општината не е обврзана да го земе целиот кредит.
Очекуваниот кредит од Светска Банка е резултат на макотрпното работење на надлежните служби во Општина Охрид. Во период од оваа една година и неколку месеци севкупното работење на Локалната самоуправа беше под мониторинг на претставници од Светска Банка во поглед на организација , на финансиското работење на Локаслната Самоуправа, транспарентноста во работењето и капацитетот на Јавните претпријатија да изработат проект. Врз основа на нивните позитивни оценки , Јавните претпријатија и Локалната самоуправа се потпреа на своите сопствени сили што е многу битен момент и потполно самостојно ги изработија сите проекти кои што беа прифатени од страна на претставниците на Светска Банка во Република Македонија . И физибилити студијата за изведување на овие проекти се изработи со сопствени кадри на Локалната самоуправа. Ова е прв пат во историјата на градов , проекти кои се изработуваат со сопствени кадри во Општина Охрид да бидат признати и прифатени од една релевантна институција како што е Меѓународната банка за обнова и развој во рамки на Светска Банка. До сега во Општина Охрид не постоел ни еден комплетен завршен проект со кој што би можело да се аплицира пред која било меѓународна институција.