Вкупно 155 милиони денари субвенции за организирано носење странски туристи, воведување нови директни линии со нискобуџетските авиопревозници, до Париз, Франкфурт и Брисел со дополнителна поддршка од 135 милиони денари, како и проширување на листата земји од кои би се носеле туристи со Кина и Индија од годинава, како и со САД, Британија, Казахстан, Катар, Азербејџан и Германија од 2015 година, најавија вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за економија Беким Незири.
Како што соопштија на прес-конференција, согласно проекциите, бројот на вработени во туризмот годинава ќе достигне 10.000 што ќе претставува зголемување на учеството на оваа дејност во БДП за 1,9 отсто.
Според Пешевски и Незири, туризмот последниве години бележи исклучително позитивни трендови, а тоа се должи на сетот мерки, проекти и активности што ги спроведува Владата. Износите за поддршка, напоменаа, не се мали, но тие повеќекратно ќе се вратат преку креирање дополнителен промет, отворање нови работни места и подобрување на животниот стандард.
„Заедно со дејностите поврзани со туризмот, во Македонија се вработени уште 31.000 лица што е 4,5 проценти од вкупниот број евидентирани во 2013 година. Проекциите укажуваат дека годинава и оваа бројка ќе се зголеми, до 32.500 лица, а до 2024 година ќе достигне 40.000 вработени,“ посочи Незири, додавајќи дека учеството на туризмот во БДП во 2012 и 2013 година е за 1,4 отсто поголем, а целта е овие приходи да достигнат пет отсто раст од вкупниот БДП.
Минатата година бројката на туристи првпат ја надмина цифрата од 700.000 што беше една од главните цели согласно стратегијата за развој на туризмот.
„Од 2006 до 2013 година бројот на странски туристи е двојно зголемен, за 98 проценти. Имајќи ги предвид позитивните трендови оваа година, тоа е и повеќе од двојно зголемување. Вкупниот број туристи, домашни и странски, во овој период бележи раст од 40 отсто. Во јануари-мај, пак, бројот на туристи е зголемен за 6,7 отсто во споредба со истиот период лани, кај домашните за 9,9 отсто, а кај странските за 4,8, а зголемен е и вкупниот број ноќевања, за 5,7 отсто“нагласи вицепремиерот.
Намалување на ДДВ од 18 на пет отсто за ноќевањата, сместувањата со појадок, полупансионите и полните пансиони, одбележувањето на турстичките места по коридорите 8 и 10, субвенциите за најразлични туристички манифестации и за донесување странски гости, како и измените и дополнувањата на законите за туристички развојни зони и за туристичка и угостителска дејност во кои се инкорпорирани голем дел од барањата на туристичките работници, но и се усогласени со ЕУ легислативата, се само некои од реализираните владини мерки за развој на туризмот.