Надграден Систем за интероперабилност за поврзување на државните институции

Поврзувањето на државните институции по електронски пат за размена на документи и податоци во иднина ќе биде модернизирано и проширено со надградба на Системот за интероперабилност.

Ова денес го најави министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, потенцирајќи дека процесот претставува основа за поедноставување на административните постапки и воведување на електронски административни услуги.

„Огласот за јавна набавка за модернизација, проширување и адаптирање на Системот за интероперабилност е објавен на 25 јули оваа година и ќе биде отворен до 9 септември, до кога заинтересираните фирми ќе можат да поднесуваат свои понуди. Првичната цена која е предвидена за реализација на проектот пред одржувањето на електронската аукција изнесува 70 милиони и 150 илјади денари.“- рече Ивановски.

По евалуацијата на понудите ќе следи и електронска аукција со негативно наддавање и намалување на цените.

Инаку, надградбата на системот со новите решенија имплементација во следните институции : Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Агенцијата за вработување на Република Македонија, Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Министерството за транспорт и врски, Управата за водење на матични книги, Министерството за економија, Министерството за животна средина, Управата за имотно правни работи, Градот Скопје, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Основниот Суд 2 и Управниот Суд.

„Исто така, потребно е да биде надграден и проширен постоечкиот веб портал, со цел да овозможи вклучување на сите институции. На самиот портал треба да има можност за додавање на дополнителни институции, како и кориснички улоги за администратори, службеници итн, додавање на параметри основ на барање, додавање на сервиси, привилегии за корисниците, можност за повикување на сервис преку графички интерфејс со приказ на резултати и можност за преземање на резултатите во PDF и XML формат.“- додаде министерот Ивановски.

Тој напомена дека во рамките на проектот за набавка на опрема и надградба на Системот за интероперабилност согласно програмата ИПА 2010, ќе бидат опфатени вкупно 15 институции. Огласот за јавната набавка е објавен на 12 август 2014 година и трае до 13 октомври оваа година, до кога заинтересираните фирми ќе можат да поднесуваат свои понуди.

„Со надградбата на Системот за интероперабилност се стремиме кон што помалку негативни страни, олеснување на начинот на работа на вработените и запазување на временските рокови за извршување на предметите, со една крајна цел – граѓаните да бидат целосно задоволни од услугите што ги нудат. Очекувам при следното анкетирање на граѓаните и истражувањата на Таен клиент да биде евидентиран напредок кај институциите, а во тоа секако ќе помогне успешната реализација со надградба на овој систем.“- рече Ивановски.