Низ Охрид се поставуваат информативни патокази

Екипи од одделението за сообраќај при Секторот за комунална дејност на Општина Охрид во текот на вчерашниот ден започнаа акција за поставување на информативни патокази на различни делови од територијата на општина Охрид.

Со информативни патокази се означи кружниот тек на булеварот „АСНОМ“, со што се заокружи целосното бележење на оваа фреквентна раскрсница како и во делот на сообраќајните знаци така и во делот на информативните патокази.

Информативни патокази доби и излезот од СРЦ „Билјанини Извори“ во правец кон село Велестово и охридските плажи.

NoviPatokazi02

Вакви акции за поставување на патокази на значајни и фреквентни делови од територијата на Охрид ќе продолжат и во наредните неколку денови.

Во текот на денешниот ден планирано е да се постават патокази кај ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и на потегот кај охридскиот медицински центар.

Од секторот за комунални дејности апелираат до граѓаните на Општина Охрид, како и до многубројните туристи што го посетуваат градов да ги чуваат и да не ги оштетуваат поставените информативни патокази бидејќи освен тоа што се корисни, тие претставуваат и општинско благо поставено и платено од џебот и буџетот на секое семејство во Охрид.

Доколку група граѓани или поединец од градов имаат конкретни предлози да се постават вакви патокази на определени места, од Секторот за комунални дејности со апел заинтересираните лица да се јават во нивните простории и заеднички да изнајдат соодветно решение.

Акцијата за поставување на информативни патокази што ја реализира Секторот за комунален развој, сообраќај и улици, е дел од програмата што се однесува на сообраќајот и безбедноста во него.

NoviPatokazi01