Соработката со Турската агенција „Тика“ претставува стратешки интерес за Министерството за култура

Државниот секретар во Министерството за култура, г. Бехиџудин Шехаби, денеска оствари работна средба со координаторот на Турската агенција за соработка и развој „Тика“, Теоман Тирјаки …

Честитајќи му ја новата функција, координаторот на „Тика“ го изрази своето задоволство од досегашната соработка со Министерството за култура и успешно реализираниот проект за целосна реконструкција на семејната куќа на Мустафа Кемал Ататурк во Центар Жупа, која во мај годинава беше пуштена во употреба. На средбата беше разгледана динамиката на реализацијата на тековните проекти во општините Битола, Карбинци и Скопје, пред се’, во афирмацијата на спомениците на културата кои датираат од османлискиот период, како и можноста за идна соработка во општините Дебар,Тетово и Кратово.

На средбата, државниот секретар Шехаби истакна дека соработката со Турската агенција за соработка и развој претставува стратешки интерес за Министерството за култура и го изрази своето цврсто уверување дека во иднина соработката со „Тика“ ќе резултира со нови проекти во насока на промовирање и афирмирање на меѓусебната соработка меѓу Република Македонија и Република Турција.