По трите победи во првите три средби од Квалификациите за Евробаскетот 2015, Сениорската репрезентација на Македонија во тесна завршница во Шарлоа, го доживеа првиот пораз во циклусот. Нашите кошаркари и натаму остануваат на чекор до посакуваниот пласман, во пресрет на натпреварите против Данска и Белорусија во Скопје.
Со цврста и агилна игра во одбраната нашите кошаркари го почнаа натпреварот со силниот противник, а првите поени ги примија по речиси четири минути игра. Иако Белгија важи за екипа која е особено квалитетна во реализацијата, Македонија постојано одржуваше благо едноцифрено водство во текот на првата четвртина. На стартот на вториот период, од неколку наши грешки во организацијата во серија, произлегоа брзи контра-напади на Белгијците кои го преземаа водството и со двете тројки по ред на Мукубу, поведоа и за прв пат со двоцифрени 31-21.
Нашите репрезентативци постојано се обидуваа да ја намалат негативата и за моменти во третата четвртина успеваа да се приближат и до четири поени негатива, но Белгија предводена од Ервел, Де Зеув и Боско, повторно се искачи на 10 поени разлика (50-40) пред самиот крај на третиот период. Јасно беше дека и покрај двоцифреното водство на Белгија, Македонија нема рано да се откаже од пресврт и тоа го навести со тројките на Костоски и Симоновски, а поените на Војдан Стојановски ја приближија нашата селекција на 52-51 на помалку од 6 минути до крај.
Натпреварот влезе во неизвесна завршница, каде двете екипи имаа свои шанси за победа, сепак Белгија ги погоди своите слободни фрлања, а една исклучително важна тројка погоди и Жилет, додека на нашите репрезентативци и покрај тоа што успеваа да изработат неколку чисти позиции за три поени, им недостасуваше реализација. Хендрикс погоди по офанзивен скок за намалување на 63-60 пред самиот крај, а последен шут за продолжение од половина терен имаше Марко Симоновски кој не заврши во обрачот и Белгија прослави триумф со истата разлика со која Македонија славеше во Скопје.
Ричард Хендрикс со 14 поени и 14 скокови беше најефикасен во нашиот тим, каде двоцифрен број на поени постигна и Марко Симоновски (11). Во листата на стрелци се запишаа уште шестмина кошаркари од кои Трајковски реализираше 8 поени, Ѓуроски беше стрелец на 7, по шест поени постигнаа Костоски и Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски додаде 5 поени, а 3 поени постигна Соколов. Кај Белгија, Де Зеув, Ервел и Мукубу беа носители на победата.
И покрај поразот кој е прв во овој квалификациски циклус, Македонија останува со добри шанси за пласман на Евробаскетот, во пресрет на последните две средби кои ќе се играат во Скопје. Прв е натпреварот со Данска кој е закажан за 24 август од 20.30 часот во СЦ „Борис Трајковски“.