Претседателот Иванов оствари проштална средба со амбасадорот на Индонезија во Македонија Н.Е.г. Марули Туа Сагала

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Индонезија во Република Македонија, Н.Е. г. Марули Туа Сагала.

На средбата, претседателот Иванов изрази задоволство од досегашната соработка со амбасадорот, и од неговиот придонес и ангажман во унапредување на билатералните односи и соработката меѓу Република Македонија и Индонезија.

Заедничка констатација на средбата беше дека соработката меѓу двете земји во наредниот период треба да биде насочена кон интензивирање на политичката и економската соработка, како и на соработката во областа на културата и образованието, за што е неопходно да се пристапи кон уредување на правната рамка.

Амбасадорот на Индонезија, г.Сагала, се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на неговиот мандат и изрази задоволство од вршењето на дипломатската должност во земјава.

Заблагодарувајќи се за досегашниот ангажман и добрата соработка, претседателот Иванов на амбасадорот г. Сагала му посака успех во натамошната работа.