Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, синоќа во Охрид ги прими учесниците на петтата по ред Школата за млади лидери, што по негова иницијатива, се одржува од 19 до 28 август во Охрид.
Посакувајќи им добредојде во Вилата Билјана, претседателот Иванов пред младите лидери ја истакна потребата нашето општество да образува лидери во секоја област, што ќе нудат решанија за предизвиците на новото време.
„Потребни ни се лидери во сите области, не само во политиката. Новото време носи нови предизвици. Во овој свет што брзо се менува, потребни ни се млади луѓе кои ќе понудат решенија за тие предизвици”, рече претседателот Иванов на приемот во Вилата Билјана во Охрид.
Пред претседателот Иванов, младите лидери претставија предлог-проекти со решенија за предизвиците со коишто се соочуваат општините Охрид, Вевчани и Ресен, а кои на младите лидери им беа претставени во саботата, на средбите со претставници на овие три локални самоуправи.
На петтата по ред Школа за млади лидери учествуваат вкупно 40 млади луѓе, со различен образовен и професионален фокус. Учесниците на школата имаат можност да слушнат предавања на 20 реномирани предавачи од Македонија, Европа, САД, Канада и Кина.