Претседателот Иванов на Бизнис Форум во Анкара – Ги повика турските бизнисмени да инвестираат во Македонија

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, во рамки на посетата на Република Турција по повод утрешната инаугурација на новоизбраниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган, денеска присуствуваше на Бизнис Форум што се одржа во индустриската зона Остим, Анкара. Индустриската зона Остим е една од најголемите зони во Турција со 5 000 компании и преку 50 000 вработени во 17 различни индустриски сектори. На Бизнис Форумот присуствуваа претставници од 5 индустриски сектори од сферата на обновливата енергија, медицината, градежништвото, автомобилската и одбранбената индустрија кои претставуваат повеќе од 80 компании.

Македонскиот претседател ги повика турските бизнисмени да ја посетат нашата држава и да ги искористат нејзините предности и капацитети во реализацијата на нивните бизнис планови. Претседателот Иванов во своето обраќање ги потенцираше условите за странски инвестиции во Република Македонија и ги запозна турските бизнисмени со сето она што Македонија го правеше изминативе години на економски план.

„Ве повикувам да ја посетите Македонија и да ја внесете земјата во вашите анализи и размислувања за ширење на вашиот бизнис, и да се уверите дека Македонија нуди големи можности. Да ги разгледате постојните капацитети, да разговарате со компаниите кои се веќе присутни во Македонија и да го слушнете нивното искуство”, рече претседателот Иванов пред присутните на Бизнис Форумот во Остим.

Претседателот Иванов подвлече дека меѓу Република Македонија и Република Турција постојат односи кои ги карактеризира традиционално пријателство и партнерство, дека комуникацијата и соработката меѓу двете земји е интензивна на сите нивоа и дека стратегијата за зајакнување на билатералните односи од 2008-та, успешно се реализира.

„Нашите две држави денес имаат исклучително добри претпоставки да се фокусираат на она што е најважно, економската соработка, инвестициите. Нас не радува перманентниот економски развој и економските успеси на Република Турција. Едно е јасно, можеме многу повеќе и во инвестициите и во трговската размена. Тоа треба да е фокусот во наредниов период“, истакна македонскиот претседател.

Во рамки на посетата на Република Турција, претседателот Иванов ги посети и компаниите Истем Медикал и Телмек. Во компанијата Истем Медикал, македонскиот претседател одржа средба со раководството на која беше информиран за нивните бизнис планови врзани со инвестирањето во Македонија. Истем Медикал е компанија за производство на медицински препарати, која според потпишаниот договор, во Македонија ќе инвестира околу 10 милиони евра. Според најавите, за 2 месеца треба да почне изградба на фабрика во зоната Бунарџик, каде на почеток ќе бидат вработени 100 лица, а се очекува за неколку години бројот на вработени да стигне до 250.

При посетата на компанијата Телмек, претседателот Иванов беше информиран за нивната заинтересираност за инвестирање во Република Македонија, и се запозна со портфолиото и успесите на оваа компанија, која е извозно ориентирана и успешно работи на пазарите надвор од Турција. Телмек е компанија за производство на механички делови за компании од сферата на информатиката, технологијата, градежништвото, автомобилската индустрија, медицинскиот и одбранбениот сектор.

Претседателот Иванов се наоѓа во дводневна посета на Република Турција, по повод утрешната инаугурација на новоизбраниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган.

foto_5