Со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“ од Струга деновиве заврши со овогодинешните истражувања на подводниот археолошки локалитет „Врбник“. Цел на овие истражувања беше да се направи контролно сондажно истражување за да се добие покомплетна слика за стратиграфијата и хронологијата на локалитетот. Во слојот кој и припаѓа на железновременската палафитна населба е потврдeно богатството со наоди, повеќе фрагменти од садови, железен врв од копје и друго. Истражувањата ќе продолжат и наредната година со цел да се добијат повеќе информации за животот на оваа населба во праисторискиот период.
Со досегашните археолошки активности на овој локалитет констатирана е палафитна населба на поголема површина од околу 100м х 50 м, со над 500 колци, богат движен археолошки материјал со поголем број метални предмети, керамички садови, како и голем број керамички фрагменти од садови, што говори за интензивен живот во оваа населба во железното време. Резултатите од истражувањата, Музејот од Струга јавно ќе ги презентира во септември при што ќе биде промовиран уште еден досега непознат подводен локалитет со идентификувани повеќе пловни објекти од Првата светска војна.