Премиерот на Македонија, Никола Груевски, упати честитка до Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан , до поглаварот на Македонската Православна црква-Охридска Архиепикопија, и до сите верници од православна вероисповед, по повод христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица.
„Ваше Блаженство, Дозволете ми Вам лично, на членовите на Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и на сите православни верници од Македонија и дијаспората, од мое лично име и од името на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам големиот христијански празник – Успение на Пресвета Богородица.
Денес, празнувајќи го овој празник, да се потсетиме на добрината, кроткоста и трпеливоста на Пресвета Богородица, да си споменеме за нејзината љубов и мајчинска грижа, но и да се потсетиме на нашите мајки, на нашите родители, на нашите постари. Како што Христос ја имал блиску при себе својата Мајка, така и ние да ги имаме за блиски нашите родители.
Нека Пресвета Богородица биде наша водилка, наша поткрепа, нека подари здравје и љубов во сечие семејство.
Нека ни е честит и за многу години големиот празник !“– се вели во честитката на премиерот Груевски.