Земјите од Балканот треба да бидат поунифицирани, покоординирани во делот на економијата и да настапат со заедничка стратегија за да бидат поатрактивни како пазар.
Ова е пораката од панел дискусијата во Берлин, организрана од германското Министерство за економија во рамки на Самитот Германија – ЕУ – Западен Балкан, на која присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски и министерот за економија, Беким Незири, јави известувачот на МИА.
Според Пешевски стартегиите се регионални, но сепак секоја држава има свој дел од работите кој што треба да го исполни, а Македонија веќе го применува тој принцип и предничи спред прокти пред другите земји во регионот.
„Во делот на нашите задачи ние навистина правиме можеби и најмногу процентуално гледано од сите земји во регионот бидејќи и во нашата стратегија за развој на гасификација имаме предвидено поврзување со неколку соседни држави и во делот на енергетиката веќе неколку се изградени, а неколку се во фаза на градба далеководи со соседните држави.
Нашиот дел од патната инфраструктура, особено од Коридорот 10 ние ќе бидеме првата земја што целосно ќе го заврши. Нешто што ние одмна го најавувавме дека ќе го направиме.
Исто и Коридорот 8 на кој се работи засилено и сме единствена држава во регионот во која истовремено се градат три автопатишта, така што Македонија претставува можеби пример за тоа како треба да се делува во делот на инфраструктурата, во делот на електро-енергетиката и кои се стратегиите што треба да се прават. Наместо празни зборови треба да се базира на реални проекти што ние и го правиме“, вели вицепремиерот Пешевски.
Тој посочи дека собирот го искористил уште еднаш да ја промовира Македонија како инвестициска дестинција со посебен фокус на проекти од областа на енергетиката, на што беше посветена првата сесија од економската конференција.
„Македонија како во останатите делови на подобрување на бизнис климата и во оваа област е нешто понапред од останатите, бидејќи веќе го има отворено пазарот за приватни инвестиции во овој сегмент. Го промовирав проектот за јавно пиватно партнерство за изградба на гасни дистрибутивни системи за вториот и третиот регион во Република Македонија. Ја искористив и можноста за презентирање на идејата за формирање на еден регионален пазар, односно регионална берза за електрична енергија, нешто што би помогнало да се обезбеди поевтина енергија и постабилно снабдување со електрична енергија не само за Македонија туку и за целиот регион. Тоа како идеја понатаму ќе се обработува, но значајно за нас е бидејќи Македонија во овој момент гради неколку енергетски врски со соседните држави и треба да се искористи таа можност и во оваа област да бидеме пример за стабиност и за привлекување инвестиции“, рече Пешевски.
Министерот Незири, додаде дека во однос на патната инфраструктура, покрај комплетирање на Коридорот 10, многу значаен е и Кородорот 8.
„Очекуваме поврзаноста со Косово да биде патот Скопје – Блаце. Со тоа би се поврзале индиректно со Србија знаејќи ги плановите на Косово дека планираат да се поврзат со Србија, кој пак пат би овозможил директно поврзување со Албанија. Идејата е државите да бидат поврзани за да придонесеме кон привлекување на странските инвестиции“, рече Незири.
Инаку, политичкиот дел од самитот Германија-ЕУ- Западен Балкан, кој се одржува на иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел треба да почне 15:30 часот.
Македонскиот премиер Никола Груевски, заедно со лидерите од регионот на Западен Балкан ќе седат на иста маса со претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо, како и со претставници на Австрија и на Франција, каде зад затворени врати се очекува да дебатираат за ситуацијата и проблемите во регионот.
Во истовреме со главната пленарна средба, во германското МНР ќе се одржи состанок на шефовите на дипломатиите со земјите од Западен Балкан, на која ќе присуствува и министерот за надворешни работи Никола Попоски. На оваа конференција, која исто ќе биде затворена за јавноста ќе учествува и еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Според германски аналитичари, можно е Попоски да се осврна на спорот за името, кое се смета за главна пречка на патот на евроинтеграциите на Македонија.
По пленарката најавена е прес-конференција на Меркел со Баросо и албанскиот премиер Еди Рама, како актуелен претседавач со Процесот за соработка во ЈИЕ.
Самитот ќе биде заокружен со работна вечера која ја приредува канцеларката Меркел, на која учесниците уште еднаш ќе ја резимираат еднодневната работа и разговори. Некакви големи заклучоци и документи не се предвидени, освен позитивната порака преточена во конкретен ангажман за економски развој на Западен Балкан.
Се очекува Самитот да прерасне во годишна конференција за Западен Балкан во рамките на ЕУ, чиј организатор идната година треба да биде Австрија.
Берлинскиот собир на високо рамниште следи по состанокот на осумте претседатели на земјите од Процесот „Брдо-Бриони“, кој се одржа во јули во Дубровник, а на кој присуствуваше и германската канцеларка Меркел.