Спасов: Преку владините мерки се вработиле 6.868 лица

На денешната прес конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, потенцираше дека мерките кои МТСП и АВРМ ги спроведоа за намалување на невработеноста во Македонија дала одлични резултати.

Тој истакна дека преку програмите и активните мерки за вработување на Владата на Р.Македонија се вработиле вкупно 6.868 лица. Од нив 3.630 лица се вработиле преку мерките од оперативниот план, а 3.238 преку мерката за ослободување од придонеси за вработување на млади лица.

„Споредбено, само во првите осум месеци од 2014 година имаме над 2.700 вработувања повеќе од вкупниот број на вработувања преку активните мерки во текот на целата 2013 година, односно зголемување на новоотворените работни места преку активните мерки и политики за 65 отсто во споредба со истиот период лани“, истакна Спасов.

Како најуспешни мерки тој ги посочи: мерката за ослободување од плакање социјални придонеси за 12 месеци за вработување на млади преку која постигнати се 3238 вработувања , мерките Субвенционирање на вработување со над 638 постигнати вработувања, потоа мерката Обука кај познат работодавач со 138 реализирани вработувања  заклучно со месец август оваа година, со што се очекуваат да бидат опфатени уште 700 невработени лица до крајот на годината.

Преку програмата за грант средства од 3000 евра за самобработување , доаде тој,  досега се потпишани 500 дoговори а се очекува во наредниот месец да се потпишат уште 450 договори за поддршка за формирање и основање на мали бизниси кој дополнително ќе придонесат за зголемување на новотоворените  работни места.

„Ги повикувам невработените лица кои имаат афинитети кон информатичката технологија да аплицираат на огласот за 100 висококвалитетни сертифицирани ИТ обуки кој трае до 5 ти септември. Дополнително, набрзо очекуваме да се потпише договорот преку ИПА програмата за вториот директен грант од Европската Унија во износ на околу 2 милиони евра , при што  планирано е да се вклучат голем број на невработени  лица во постојните активни програми и мерки за вработување“, посочи Спасов.

Ресорниот министер најави и дека во октомври 2014 година, ќе се подобри системот за информирање преку веб сајтот на Агенцијата за вработување преку селектирани алатки avrm.gov.mk, со што ќе бидат опфатени поголем број на лица.

„Ги повикувам невработените лица кои сакаат побрзо да стигнат до работа, да ги следат огласите за активните мерки, активно да бараат работа, да не се откажуваат и постојано да ги надградуваат споствените вештини. Ги повикувам и приватните компании да се вклучат во овие процеси, да земат учество во мерката за вработување на млади, во мерката за обуки кај познат работодавач и во сите останати, да ги искористат мерките за вработување бидејки тие се вистинска поддршка за приватниот сектор“, апелираше Спасов.