Работен состанок на министрите Јанкулоска и Бесими

Во пресрет на есенскиот Извештај од Европската комисија, а во рамки на ЕУ Агендата 2014 на Секретаријатот за европски прашања, денес во МВР министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска имаше работна средба со заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за Европски прашања д-р Фатмир Бесими, во придружба на секторите задолжени за ИПА и евроинтеграциии.

На средбата се разговараше за статусот на реализација на реформите во областа на внатрешни работи со посебен акцент на Поглавјето 3.24 Правда, слобода и безбедност, кои се од клучно значење за евроинтеграцискиот процес на земјата. Се дискутираше и за активностите предвидени со Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија (НПАА).

Во рамки на состанокот посебен акцент беше ставен на напорите за реформа на полицијата, усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ во делот на политиките за азил, миграција и надворешни граници, но и за активностите во борба против организиран криминал, спречување на трговија со луѓе, каде што Република Македонија и во најновиот Извештај на Стејт Департментот е рангирана во групата ТИЕР 1 – држави кои што целосно ги исполнуваат стандардите за борба против трговијата со луѓе.

На средбата се разговараше и за степенот на искористеноста на средства кои стојат на располагање преку Инструментот за предпристапна помош – ИПА, а кои се клучни за реализација на реформите во полицијата. Во рамки на ИПА 1 во период од 2007 до 2013 година подготвени се вкупно 8 проекти во вкупен износ од 38,3 милиони евра. Средствата се наменети за реконструкција на полициски станици, модернизација на полициските едниници на локално и регионално ниво, унапредување на почитувањето на човековите права во затворите и др.