Секој врв е тест на посветеноста – Претседателот Иванов го прими македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, гo прими македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ, по повод неодамнешното освојување на врвот К2, на Хималаите. Претседателот Иванов му честиташе на Здравко Дејановиќ кој е првиот алпинист од Република Македонија што го освојува К-2, еден од најопасните планински врвови во светот.

„Секој ваков успех е за почит и претставува мотив за нови достигнувања. Вие најдобро знаете дека освојувањето на секој врв е огромен предизвик кој може да се совлада само со верба во себе, посветеност и со пожртвуваност. Среќен сум што нашата земја има безброј вакви позитивни примиери, затоа што спортските успеси се тие со кои сите млади луѓе се идентификуваат”, рече претседателот Иванов, додавајќи дека и во иднина ќе продолжи безрезервно да ги поддржува ваквите успеси.

Дејановиќ се заблагодари за укажаната чест и внимание од македонскиот претседател, и ги сподели впечатоците и искуствата од искачувањето на Хималаите, како една од најсуровите планини во светот, и од врвот К2, кој досега го искачиле само 300 планинари во светот. Нашиот алпинист истакна и дека Република Македонија нуди прекрасни предели за развој на планинарството и алпинизмот и дека тоа треба максимално да се искористи.

„Важно е човек да си ги знае своите лимити и во согласност со нив да си ги поставува целите. Почнав со малите планини, чекор по чекор, скалило по скалило дојдов до највисоките врвови. Со последното достигнување навистина се чувствувам исполнето, и за следната година планирам нови подвизи”, изјави алпинистот, Дејановиќ.

Здравко Дејановиќ во 2010-та го освоил Монт Еверест, а мината година се обидел да го совлада и К2, но времеските услови не го дозволиле тоа. Годинашното достигнување беше дел од меѓународната експедиција сочинета од Иранецот Реза Шахале и Шерпасот Мингма Гајле.

2_alpinizamс