Со поддршка од Министерството за култура, на 13, 15 и 16 септември 2014 година Македонската опера и балет ќе учествува на 16-тото издание на „Меѓународниот фестивал на музика и игра“ кој се одржува во тајландскиот културен центар во Банкок.
Македонската опера и балет, во копродукција со театарот „Лирико“ од Рим, утре ќе је изведе операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт. Под диригентската палка на Џузепе Сабатини, ќе настапат солистите: Благој Нацоски, Паоло Кони, Анџела Низи, Мауро Корна, Џесика Роуз Камбио, Алесио Потестио, Итало Проферише и Џулија де Блазис.
На 15 септември солистите од МОБ и од театарот „Лирико“: Салваторе Кордела, Итало Проферише, Пиетро Навиљо, Џесика Роуз Камбио, Алесио Потестио, Мауро Корна и Анџела Низи, ќе ја изведат и операта „Боеми“ од Џакомо Пучини.
Хорот при МОБ, во соработка со „Нова Амадеус оркестра“ од Рим, на 16 септември ќе настапи на оперски концерт на кој ќе бидат изведени дела од: Џузепе Верди, Џоакино Росини, Џакомо Пучини, Винченцо Белини и Пјетро Маскањи. На овој значаен културен настан, кој ќе трае до 28 октомври, ќе настапат познати светски имиња и ансамбли, како: Зубин Мехта, Израелската филхармонија, Балетот од Штутгарт, Оркестарот од Базел.
Фестивалот на музиката и танцот во Банкок се одржува под покровителство на принцезата Маха Сириндорн, а е во чест на роденденот на кралот на Тајланд.