Прекршочна постапка против охриѓанец поради физички напад врз неговиот сосед

Поради постоење основи на сомнение дека со физички напад го нарушил јавниот ред и мир, СВР Охрид до основниот суд во Охрид поднесе барање за поведување прекршочна постапка против А.Ѓ.(35) од Охрид.

Пријавениот, на 20-ти минатиот месец најнапред вербално, а потоа и физички го нападнал С.К.(59) од Охрид-привремено вработен во САД. Настанот се случил пред домот на С.К. на улицата „Даме Груев“ во Охрид околу 13 часот и 30 минути во момент кога тој со овластени службени лица започнал мерење на парцелата која граничи со местото на неговиот сосед-пријавениот А.Ѓ.

Истиот, револтиран што соседот С.К. телефонски го известил дека ангажирал овластена агенција и дека ќе отпочне мерење на парцелата, пристигнал на парцелата каде требало да се врши мерењето и на С.К. му упатил навредителни зборови, а потоа со тупаница го удрил во пределот на левото око и левиот дел од главата. Од ударот, С.К. паднал во бесознание по што веднаш бил префрлен во општата болница во Охрид.

По укажаната помош С.К. е пуштен на домашно лекување.