Експертски тим на УСАИД во посета на Општина Охрид

Во рамките на процесот на разгледување на програмските активности и изготвување стратегиски план за обезбедување поддршка на Република Македонија во следните пет години, тим од експерти од консултантската фирма „Тетра Тек АРД“ ангажиран од Американската агенција за меѓународен развој- УСАИД, денеска ја посети општина Охрид.

На средбата, на која учествуваа заменик- градоначалникот Александар Јанев, претставници на локалната администрација, невладиниот секттор и СВР Охрид, експертите д-р. Вилијам Кроутер, Шаром Роџерс и Селма Сијерчиќ се интересираа за состојбите во повеќе сегменти од работата на општината и можностите за поддршка на проекти од страна на УСАИД. Целта беше тимот да изврши оцена како УСАИД во соработка со македонските партнери може да даде конструктивен придонес во соочувањето со заедничките предизвици и унапредување на билатералната соработка во областа на демократијата, човековите права и доброто владеење.

Претставниците на Локалната самоуправа изразија благодарност за досегашната подршка на УСАИД во реализација на неколку проекти, особено во областа на образованието. Таков е пилот- проектот за инегрирано образование, кое се реализира во ОУ „Братство Единство“ и ќе продолжи во други основни училишта. Беше речено дека, покрај во основното и средното образование, Локалната самоуправа, вложува и во предучилишното згрижување на децата. Така, покрај зафатите во објектите на детската градинка „Јасна Ристеска“ во градот , во училиштата во селата Лескоец и Велгошти, оспособени и опремени се по две простории кои се користат како градинки. Во план е, како што беше речено, такви градински да се отворат во населбите „Радојца Новичиќ“ , Рача и Пештани.

Експертите, ангажирани од УСАИД, се интересираа за соработката со невладиниот сектор,меѓуетничките односи, безбедносната состојба и развојот на граѓанското општество. Гостите беа информирани дека Локалната самоуправа има интензивна и квалитетна соработка со невладиниот сектор, што се гледа преку поддршка на 64 нивни проекти од разни области. Беше речено дека во Охрид меѓуетничките односи се на високо ниво, а безбедностата состојба е стабилна. Посебно беше потенцирано дека Охрид е еден од ретките градови каде успешно се реализира проектот за заеднички патроли во кој покрај СВР, вклучена е општината и претставници на урбаните заедници.

По завршувањето на посетите и косултациите со низа домашни лидери и експерти од државната управа и граѓанскиот сектор, кои ќе траат до 26 септември, експертската група, на УСАИД ќе му даде конкретни препораки за идните програмски активности во Република Македонија.

usaid_4001