Размена на искуства и соработка за поквалитетна основна полициска обука

„Полицијата секогаш да биде во чекор со динамиката, потребите и со нормативните специфики на системот притоа имајќи секогаш соодветен одговор кон сите видови криминални закани“ истакна Земри Ќамили-заменик министер за внатрешни работи на Република Македонија, на денешното отворање на Регионалната конференција посветена на темата “Методологија за оценување на кандидатите при основна полициска обука“.

Говорејќи за суштината на полициската обука, заменик министерот рече дека едукацијата на полициските службеници е еден од клучните механизми за компетентно и професионално извршување на полициските задачи и дека нашата полициска обука се темели на програми кои ги задоволуваат критериумите за квалитет на национално и меѓународно ниво. Тоа значи дека ги исполнуваме националните и меѓународни стандарди за квалитет, водејќи сметка таа полициска едукација да биде целосно посветена и во служба на оперативната полиција која е одговорна во извршувањето на полициската работа во нашата земја, нагласи заменик министерот Ќамили.

Според Гоце Бачанов помошник министер и раководител на центарот за обука при МВР, Република Македонија инвестира време и ресурси во обука и подготовка на идните полициски службеници за компетентно извршување на задачите од нивна надлежност заснована на програма и прифатени стандарди на полициско образование во Европа и пошироко.

„Полициската обука е важен дел од полициската работа со која се стекнуваат суштински вештини што треба да ја потврдат ефикасноста на полициската служба“, им порача на учесниците на конференцијата, Бартон Путни- заменик шефот на мисијата на САД во Република Македонија. Тој посебно се осврна на постојаната потреба од надградување на стекнатите полициски вештини за поуспешно справување со криминалот и натамошно успешно продолжување на процесот на развивање на професионалните капацитети на македонската полиција.

За потребата од јакнење на регионалната полициска соработка зборуваше Исмаил Ферт шеф на оддел за развој на полицијата при мисијата на ОБСЕ во Република Македонија. Според Ферт, средбата на полициите од земјите учеснички е цврста основа за уште поуспешна соработка на полициските организации но и одлична можност за утврдување на методологијата и стандардите за обуки и работа на полициските служби. Програмите за обуки треба да бидат насочени кон заедницата и да им бидат од корист на граѓаните, заклучи Ферт.

На конференција „Методологија за оценување на кандидатите при основна полициска обука“ ќе бидат презентирани моделите и методологиите за оценување на сите земји учеснички. Регионалната конференција “Методологија за оценување на кандидатите при основна полициска обука“ во Охрид се одржува по иницијатива на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија со поддршка на ИЦИТАП програмата при амбасадата на САД и мисијата на ОБСЕ во земјава.