Фудбалската федерација на Македонија официјално го назначи Благоја Милевски за нов селектор на репрезентацијата на Македонија до 21 година.
Поранешниот трофеен тренер на Вардар денеска беше промовиран за нов предводник на младата репрезентација.
„Благодарност до Фудбалската федерација за укажаната доверба, на најпрофесионален начин ќе ја извршувам функцијата и се надевам дека заеднички ќе се трудиме да имаме успех во квалификациите. Оваа репрезентација има потенцијал и квалитет, имаме доволно време до следниот квалификациски циклус да го формираме костурот на селекцијата од која сите ние ќе бараме подобри резултати. Нашата основна задача ќе биде да направиме добра атмосфера, да сфатиме дека репрезентацијата треба да биде главната цел на сите. Очекувањата на федерацијата и на јавноста секогаш се исти, сега сме во процес на создавање нов тим, но се надевам дека ќе бидеме многу поуспешни во следните квалификации“, – изјави Милевски.
Првиот натпревар на клупата на македонската репрезентација до 21. Година, Благоја Милевски ќе го има на 13. октомври кога на Националната арена „Филип Втори“ во пријателски натпревар гостува Роамнија.
„Немаме многу време за селектирање на нови играчи и одлучивме да настапиме со речиси истиот состав кои ги заврши квалификациите за ЕП во Чешка. Во нашиот стручен тим ќе има луѓе кои ќе имаат задача да селектираат играчи кои настапуваат во лигите низ Европа, а имаат право да играат за Македонија. Јас би бил најсреќен кога базата на нашата репрезентација би ја сочинувале играчи од нашата лига, но во моментот е поинаку. Се надевам на добра соработка со клубовите, младите фудбалери заслужуваат доверба. Националниот состав мора да биде интерес на сите, потребно е време, но сите ние сме во функција да го подобриме нивото на кое се наоѓаме денеска“, – додаде Милевски.
Селекторот на репрезентацијата дополни дека во консултација со предводникот на А репрезентацијата ќе одлучува за играчите кои можат да настапуваат за младата репрезентација, а се наоѓаат во плановите и на селекторот на најдобриот состав.
„Не се откажуваме од играчите кои имаат квалитет и потенцијал за големи работи. Ќе биде повикан и Давид Бабунски, ќе разговараме со сите, ќе ја претставиме нашата програма и се надевам дека заеднички ќе дојдеме до единствениот разумен заклучок, а тоа е дека репрезентацијата и дресот со државниот грб мора да биде над сите други интереси.“