На иницијатива на Студентскиот парламент при Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, од 8 до 12 октомври оваа година во Охрид, ќе се одржи Информатијада 2014, како интернационално ИТ дружење.
Повеќе од 400 студенти – информатичари ќе имаат можност да присуствуваат на работилници и предавања на познати ИТ експерти од регионот, а истовремено и да се забавуваат и натпреваруваат во повеќе спортски дисциплини.
Министерот Ивановски ја поддржа иницијативата на ФИНКИ за организирање на Информатијадата 2014, очекувајќи таа да биде можност за демонстрирање на програмерските, но и спортските вештини на студентите.
„Како земја имаме голем потенцијал во информатичко-комуникациската област, бидејќи Македонија инвестира во младите генерации кои имаат афинитет и способности да се занимаваат и да творат во оваа област. Од година во година сме се поуспешни, а тоа го покажуваат резултатите кои континуирано се постигнуваат во сите сегменти на овој план. За најдобрите студенти ќе обезбедиме симболични, но вредни награди, со цел да поттикнеме уште поголеми успеси во наредниот период.“– рече Ивановски.
„Информатијадата 2014 е во организација на ФИНКИ и Студентскиот парламент при факултетот, а искуствата и идеите кои ќе бидат разменети меѓу студентите од регионот ќе бидат од големо и практично значење за севкупниот развој на информатичкото општество.“– рече деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов.
„Агенцијата за млади и спорт во континуитет ја дава својата поддршка на сите проекти и активности кои се насочени на развојот на вештини, подобрување на знаењата и унапредување на состојбата на младите луѓе во целата држава. Очекувам студентите од целиот регион да развијат можности за меѓусебна соработка, но и со сите значајни институции кои делуваат во оваа област“– изјави директорот на Агенцијата за млади спорт, Марјан Спасески.
На прес-конференцијата присуствуваше и претседателот на студентскиот парламент при ФИНКИ, Давор Поповски, кој се заблагодари за поддршката од факултетот, Министерството за информатичко општество и администрација и Агенцијата за млади спорт, за напорите што ги вложуваат при реализацијата на Информатијадата 2014.