Кривична пријава за стружанец поради злоупотреба на службената положба

Поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување или уништување деловни книги“, полициската станица од Струга против А.К.(48) од струшкото село Лабуништа поднесе кривична пријава. А.К. во својство на службено лице, лиценциран работник за извршување на стручни работи на шуми во приватна сопственост овластен со лиценца од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, со искористување на службената положба и овластувања и со пречекорување на границите на своето овластување, во текот на мај оваа година издал испратница на лицето Ш.Ш. од Велешта за превоз на дрва во вкупна количина од 4м3.

Пријавениот, на испратниците напишал дека дрвата потекнуваат од една катарстарска парцела и дека се со одобрение иако знаел дека на таа парцела не е извршена сеча и дека дрвата не потекнуваат од сеча на таа парцела. Истото го направил и во март годинава кога пријавениот на С.М. од Лабуништа му издал испратница за превоз на дрва во вкупна количина од 2,5 м3. На испратницата напишал дека дрвата потекнуваат од една катарстарска парцела и дека се со одобрение. И во овој случај пријавениот знаел дека на таа парцела не е извршена сеча и дека дрвата не потекнуваат од сеча на таа парцела. На тој начин, пријавениот А.К. злоупотребувајќи ја својата положба и овластување, со свој потпис и печат изготвил и заверил две испратници со невистинита содржина. По извршена контрола, државен инспектор за шумарство и ловство утврдил дека дрвата наведени во испратниците не потекнуваат од наведените парцели за кои е поднесено барањето за сеча.