Не ја допирајте мамката! Таа е наменета за лисиците

Почнувајќи од вчера, Агенцијата за храна и ветеринарство со поддршка на Европската унија ја спроведува седмата орална вакцинација на лиссиците со авионска дистрибуција на вакциналните мамки на територијата на цела држава. Вакциналните мамки се со кафена боја, со големина од 3 сантиметри, личат на чоколадни коцки направени од смеса со рибино брашно, имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците, а делува одбивно на луѓето. Во мамките е сместена пластична капсула во која се наоѓа вакцината во течна состојба која содржи ослабен вирус на беснило. Во мамките се наоѓа и биолошки маркер тетрациклин кој се користи за утврдување на успешноста на вакцинацијата.

На секоја мамка има ознака на која пишува: НЕ ДОПИРАЈ! Вакцина против Беснило.

Кога лисицата ќе ја гризне мамката, течноста од капсулата преку слузокожата на устата ќе навлезе во организамот на лисицата и ќе поттикне создавање на антитела против беснило.

Не ја допирајте мамката! Таа е наменета за лисиците.

Сепак доколку најдете мамка која треба да се отстрани (мамка најдена во двор или на места каде што постои ризик да биде допрена од деца) внимателно земете ја со стапче, ракавица или ќеса и оставете ја во помалку населена област, вон дофат на луѓе.

Доколку дојдете во контакт со течната содржина од капсулата во мамката, измијте ги рацете со голема количина на сапун и вода, во траење од најмалку 5 минути и веднаш појдете кај Вашиот матичен лекар. Внимателно земете ја мамката со ракавица или ќеса и понесете ја со себе.